„Во изминатите денови се направи тестирање на контактите на веќе дијагностицираните, екипите на ИЈЗ беа на терен, таквото тестирање е рана дијагностика за рана изолација за оние кои се носители на вирусот. Најголем дел од заболените се заразени на семејни собири. Полицискиот час викендов дозволи полесен пристап за тестирање, и покрај отпорот сега имаме подобра соработка, полесен пристап за тестирање, апелирам граѓаните да соработуваат. Голем дел се со лесна клиничка слика или асимптоматски, околу 65% од активните поврзани се со познат случај, слична е состојбата и во друите критични места“, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Филипче истакна дека речиси сите нови случаи се поврзани со некаков собир, кои се случиле пред две недели, и дека овој пик е резултат на тоа, како и непочитувањето на мерките.
„Непочитувањето на мерките го донесе овој втор бран и сите треба да извлечеме поука, во даден момент оние кои не ги почитуваа мерките, кои беа воведени, го загрозија и сопственото и туѓото здравје. Вирусот е тука останува и мора да научиме да живееме со него, како и целиот свет“, истакна министерот Филипче.
А. П.