Министерот за здравство Венко Филипче во однос на новозаболените во Штип изјави дека тие се контакти на оние пациенти кои беа претходно дијагностицирани, вработени во неколку конфекции.
„Екипа од Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, денеска, престојува во Штип, со цел да направи увид во работата на Центарот за јавно здравје. На локалниот кризен штаб, кој го води градоначалникот беше донесена одлука да се затворат пет конфекции до следниот понеделник, за којшто период близу 600 вработени ќе бидат истестирани, а тие во меѓувреме нема да претставуваат ризик за другите луѓе со кои работат. Исто таква активност во смисла на посета и анализа на работата на Центарот за јавно здравје, екипа од Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство денеска е пратена во Куманово“, изјави Филипче.
Филипче додаде дека согласно сите овие анализи од претходните денови и денеска било констатирано дека нема неконтролирано ширење на вирусот.
„Анализата на епидемиолозите покажа дека бројката е повисока, но сите тие пациенти произлегуваат од контактите. Согласно анкетите дадени во изминатите неколку денови правиме интензивен скрининг, тестирање на сите контакти коишто ги даваат новодијагностицираните. Оваа стратегија продолжува и понатаму, паралелно на веќе постојната првична стратегија за дијагностицирање на симптоматските пациенти и таргетираниот скрининг на вработените во повеќе групи“, рече министерот Филипче.
„На утринскиот состанок, исто така, се разговараше и за планот кој беше претходно изготвен за следните фази за олабавување на мерките, во однос на одредени индустрии, економски оператори и заеднички беше донесена одлука на ова да се навратиме до крај на оваа недела и ова повторно ќе се разговара како ќе се продолжи понатаму, исто како и тајмингот кога во текот на неделата ќе разговараме и за дополнителните евентуални мерки, кои би ги предложиле, согласно бројот на новодијагностицирани пациенти. Засега остануваат да важат сите мерки, кои се сега на сила, важи истото и за отворањето на градинките, досега се тестирани 3.500 вработени, но за тајмингот на отворање ќе дискутираме во текот на оваа недела. Истото важи и за границите, со оглед на сегашната ситуација од минатите два до три дена, и покрај тоа што Србија и Бугарија, ги отворија границите, сметаме дека ова е нешто што треба да го дискутираме во деновите кои се пред нас, согласно новите податоци и новата ситуација“, додаде министерот.