Состојбата во болниците е стабилна во смисла да нема некој голем и неконтролиран наплив на пациенти во сите јавно-здравствени установи во Скопје и насекаде во државата. Во текот на вчерашниот ден и утрово има доволен број слободни болнички кревети. После мини притисокот во понеделникот следните денови е еднаков бројот на испишани и примени пациенти, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Остануваме, посочи министерот, и викендов со истиот систем на ротација и менаџмент на местата меѓу институциите во Скопје и од државата кон скопските клиники и болници каде се сместени пациенти со Ковид-19.
– Во делот на вакцинацијата процесот добро се одвива. Некаде околу 13 000 граѓани се вакцинирани со вакцината на „Астра Зенека“. Останатите се веќе прераспределени по институциите и пунктовите ширум државата и тоа продолжува со истата динамика, нешто по зголемена е фреквенцијата на закажување во текот на оваа недела, рече Филипче и додаде дека во салата „Борис Трајковски“ се одвива вакцинацијата на постарите граѓани на возраст од 73 и 74 години.
Тој потенцира дека заклучно со вчерашниот ден вкупно се вакцинирани околу 35 000 граѓани.
– Во понеделник ги очекуваме да стигнат вакцините на „Фајзер“, што беше потврдено во текот на вчерашниот ден и утрово. Тие ќе стигнат со авионски превоз до Софија и со специјален транспорт ладен ланец во попладневните часови во понеделник ќе стигнат во Скопје. Ние сме подготвени да ги преземеме во делот на административните постапки, се што треба за давање на дозволите и вообичаениот начин, така како што беа сместени првите количини од вакцините на „Фајзер“, додаде Филипче.