Министерот за здравство Венко Филипче денеска ќе биде во посета на Прилеп каде ќе разговара со градоначалникот Илија Јованоски за актуелната епидемиолошка состојба во градот.
Филипче вчера на прес-конференција во Владата рече дека во речиси две третини од градовите има сериозно намалување на инциденцата, а критични остануваат Куманово, Штип, Прилеп, Битола и Скопје. Оценката на епидемиолозите, како што посочи, е дека засега нема потреба од порестриктивни мерки во Прилеп и Битола.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски и Општинскиот кризен штаб од Главниот кризен штаб побараа заострување на мерките и воведување дополнителни рестриктивни мерки за заштита од пандемијата со Ковид-19, кои ќе се однесуваат на целата територија на општината заради крајно влошената и загрижувачка ситуација.
Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, пак, има дилема околу воведувањето карантин, бидејќи цени дека тоа би имало тешки последици врз локалната економија на Гостивар, но, како лекар, смета дека воведувањето ваква рестриктивна мерка е неопходна.
Она што е особено загрижувачки и алармантно е дека во последните дваесетина дена драстично и рапидно се зголемува бројот на новозаразени, хоспитализирани и, за жал, починати лица. Со цел да ја превенираме и запреме ваквата застрашувачка тенденција на ширење на заразата, Општинскиот кризен штаб од Главниот кризен штаб бара заострување на мерките и воведување дополнителни рестриктивни мерки, кои ќе се однесуваат на целата територија на Општина Прилеп, рече Јованоски.
Одговор, нагласи, се очекува за еден ден, а во меѓувреме се засилуваат локалните мерки, прво за помош на медицинскиот персонал во инфективното одделени, каде од денеска како што најави ќе ротираат тимови од матичните лекари во две смени.