„Фондацијата Конрад Аденауер (Konrad Adenauer Stiftung – KAS) не е финансирана од Сорос. Би сакал да посочам дека нашата фондација е финансирана од различни министерства од Владата на Сојузна Република Германија, а во Македонија, проектите на кои работиме се финансирани од Министерството за надворешни работи. Тоа значи дека не сме финансирани од партијата на Ангела Меркел – ЦДУ, само соработуваме со нив, а тоа е многу значајна дистинкција“, изјави денеска во ЕУ Инфоцентарот, Јоханес Д. Раи, раководител на Фондацијата во Македонија и во Косово.
Со цел да ги демантира шпекулациите кои се појавија во јавноста за односот на Фондацијата и ВМРО–ДПМНЕ, Раи истакна дека секаде каде што КАС има свое претставништво, тие соработуваат со партиите од десничарскиот блок, со цел промоција на дијалогот.
„Нашата цел тука е обезбедување на политичко образование, и не е точно дека КАС ги создава кадрите на ВМРО-ДПМНЕ. Само 20 проценти од сите наши стипендисти се членови на оваа партија. Во вакви тешки политички и општествени времиња, ние критикуваме зад затворени врати. КАС смета дека проблемите во државата треба да се решат внатре, без надворешни влијанија“, истакна Раи кој присуствуваше на презентацијата на „Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската унија (2014-2016)“.