Одлуката да го прифатиме нема да биде историски триумф или историски дебакл. Со овој предлог имаме само можност да ги отвориме преговорите и со него остануваме на европскиот колосек кој е долг, но до овој момент не губиме, ама баш ништо, изјави претседателот Стево Пендаровски по одржувањето на денешната Седница на Советот за безбедност на која беа и премиерот Димитар Ковачевски и министрите Бујар Османи и Бојан Маричиќ, на која беше разговарано за францускиот предлог отстранување на пречките за старт на преговорите на Северна Македонија.
Тој додава дека станува збор за транзициски предлог и затоа, како што рече, негов став е дека треба да се прифати само како одлука државата да ги отвори преговорите за членство во ЕУ.
„Со него ја креваме бугарската блокада и дозволува формално отворање на преговорите. Тој овозможува скрининг процес пред отварање на кластерите и трето со ништо не го поткопува македонскиот идентитет, бидејки има чиста формулација за македонскиот јазик без фусноти“, вели Пендаровски.
Тој додаде дека очекува заклучоци на Владата, ако таа го прифати предлогот, дека мора да ја содржат реченицата:
„Од денот кога ќе ги отвориме преговорите до нивното завршување, ако има дополнителни обиди за спомнување влез во дискусиите македонски јазик и македонска историја, во истиот момент ние да се повлечеме од преговорите“, рече тој.
Тој изрази уверување дека во неговите разговори со високи европски и светски претставници нема добиено впечаток дека сакаат да го разнебитат макеоднскиот народ и држава.
Со францускиот предлог, рече Пендарвски, историјата не е услов и има само една една реченица и во предлогот и во протоколите. Има сугестија почесто да се среќаваат историчарите.
Во однос на изјавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека неприфаќањето на овој предлог може да создаде меѓуетнички тензии, Пендаровски вели дека не очекува безбедносни ризици, особено затоа што и порано имало случаи на одбивање и разочарувања во делот на евроинтеграциите, а тоа не предизвикало конфликт.
Пендаровски кажа дека најголема слабост на предлогот е тоа што се бара во оваа фаза внесување на Бугарите во Уставот, бидејќи тоа ќе биде домашна блокада. Политичката ситуација во земјава односно поделеноста никако не гарантира дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за вакви уставни измени.
Пендаровски кажа дека од позиција на човек кој имал средби со голем број европски лидери, меѓу кои и со францускиот претседател Емануел Макрон и гермнаксиот канцелар Олаф Шолц, нема впечаток дека ЕУ сакаат да ја разнебитат македонската нација и народ.
Пендаровски нагласи дека изминативе денови бевме мета на хибридни напади со кои се створи погрешна слика во јавноста за францускиот предлог.