ВЕСТ НА ДЕНОТ
Владата ја проследи предлог-преговарачката рамка до Собранието на Република Северна Македонија
Владата на Република Северна Македонија, на денешната 59-та седница, ја разгледа информацијата од Министерството за надворешни работи, за предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со ЕУ, претставена од Француското претседателство со Европската Унија.
На седницата, Владата одлучи предлог-преговарачката рамка да ја проследи до Собранието на Република Северна Македонија на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието на Република Северна Македонија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Сега останува на вас Македонците да се изјасните. Моќта да го смените текот на историјата отсега е во ваши раце. Нема да ви кажам дека овој договор е совршен, но ќе ви го расчисти европскиот пат. Како и секој договор, така и овој се заснова на компромиси и рамнотежа. Овој договор не го доведува во прашање официјалното постоење на македонски јазик, кој е составен дел на вашиот идентитет“, се вели во пораката од претседателот на Франција, Емануел Макрон, објавена од Француската амбасада во Скопје.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
„Денес за пошироката јавност стана познато дека на југот од нашата земја, во окупираните области, е затворен пристапот до социјалните мрежи, месинџерите и Јутјуб. Руските сили ја блокираа секоја можност луѓето да ја знаат вистината за она што се случува и за нашиот потенцијал, кој постепено го зголемуваме“, истакна украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето редовно видео обраќање.
*
Парламентот на Финска денеска изгласа Закон за готовност, со што се овозможува поставување на бариери на границата со Русија.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОЛИТИКА По вчерашниот инцидент кај плоштадот „Скендербег“ во скопската Чаршија, разрешен е вршителот на должност на Ј.П. Комунална хигиена Зуди Енузи, соопштија од Град Скопје.
„Не станува збор за никакво нарачано убиство на Мицкоски, ако е точно дека Енузи е разрешен, нашата соработка со Данела завршува’, истакна Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.
Ги повикувам политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања, истакна премиерот Димитар Ковачевски кој најостро ги осуди вчерашните настани кои за голема среќа не резултираа фатално за граѓаните.
ПРОПАГАНДА МВР го повикува да го покаже архивското бројче од актот со кој тврдат дека го пријавиле протестот, со наводно однапред позната маршрута на движење и точки на застанување. Таква пријава, како што велат, во МВР не постои.
ПРЕДЛОГ Министерот за политички систем и односи со заедниците Артан Груби изјави дека е можно уште денеска Владата до Собранието да ги проследи францускиот предлог за деблокада на европскиот пат на земјава, заедно со билатералниот протокол со Бугарија и другите придружни документи.
ПРОТЕСТИ По инцидентот кој се случи синоќа кога се судрија две мали групи на граѓани, Македонци и Албанци а при што имаше и истрели од огнено оружје, организаторите на протестите против почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ најавија нова маршрута за денешниот протест.
МВР За време на граѓански собир пред Собранието, беа повредени 47 полициски службеници и извршено е оштетување на зградите на Собранието, Владата, Министерството за надворешни работи, како и полициска куќарка, полициско возило и разни видови полициска опрема, од слобода беа лишени најпрво 11 лица, а по утврдување на идентитетот, дополнително уште четири лица, или вкупно 15 приведени лица, од кои три малолетни, соопшти Министерството за внатрешни работи.
СЛОБОДНА ЗОНА
Ако Мицкоски го „свитка“ некој, тоа нема да биде некој од неговите политички неистомисленици. Сосема извесно е дека тоа ќе биде некој од неговото најблиско опкружување. И сигурно нема да биде со куршум, туку со малку повишен тон или, евентуално, шамар или клоца. Од неговиот шеф или од претендентите на „првата фотелја“ во Белата палата. Но, најверојатно, за да биде „елиминиран“, ќе биде доволно да му се испрати само еден СМС.
Не е Мицкоски со таква политичка „граѓа“ за некој да сака да го убие. Најмалку оние што се на власт. Па тој работи за власта! Добро, неговите намери се токму спротивни, но ефектот е таков – Мицкоски постојано ѝ помага на власта!, пишува Џабир Дерала во колумната „Самоутепанството на Мицкоски“.
Ако сега се каже „не“ навистина се кажува еднаш за секогаш „не“ на пристапувањето кон ЕУ. Никој не е должен, никој нема обврска по втор пат да ви упати покана да го комплетирате пристапувањето – чинот се случил, свршен е, а наше е да кажеме „да“ или „не,“ и тоа ќе биде, најверојатно, неотповикливо и важи еднаш за секогаш. Еве, историчарите и компаративните аналитичари на феноменот на европското проширување, ги замолувам, да ме побијат ако грешам кога го тврдам ова. Имено, замолувам да ме поучат дали знаат за пример кај што кандидатот си задал самиот себеси рамка каква сака и го принудил Советот да ја смени поканата и нејзините услови. (Инаку, да, знам дека во текот на преговарањето може многу нешта да се сменат во полза на кандидатот, но за тоа треба да почне процес на преговарање), пишува проф. д-р Катерина Колозова, во колумната Зошто е недвосмислен факт дека оваа покана на ЕУ е „финална“ а не некаква манипулација?.
Д. Муратов