„Јас на 30 септември ќе излезам на референдумот и ќе гласам „за“ затоа што станува збор за претопување во контекст во кој географски припаѓаме меѓутоа чии вредности сè уште не ги споделуваме. Тука станува збор за вредности како индивидуалност, цивилност, човечки права, родови права и сметам дека исклучително е важно таквите вредности да станат дел од нашето образование, дел од учебниците, да станат дел од нашето секојдневие. Само на тој начин тоа нè води кон поголема слобода“, изјави Лени Фрчкоска, новинарка, како одговор на прашањето на ЦИВИЛ Медиа за нејзиниот став за референдумот.
Во контекст на младите, коишто во изминатиот период излезот го бараа надвор од земјата, Фрчкоска изрази надеж дека излезот ќе биде за нови знаења и искуства што младите ќе ги применат во земјата доколку Македонија влезе во ЕУ.
„Се надевам дека ќе излегуваат од други причини. Ќе излегуваат повеќе за периоди на учење надвор, преку размена на студенти, за познанства со луѓе од разни земји и култури. Ќе се образуваат во атмосфера на мултикултурализам и космополитизам и на тој начин ќе се менуваат како личности и со тоа ќе придонесат за нашата земја и нема да бидеме затворени во реторика на национализам“, изјави Фрчкоска.
Со Фрчкоска разговаравме и за говорот на омраза во контекст на референдумскиот процес.
„Говорот на омраза е на совест на институциите, на товарот на институциите што сè уште не одговорија на голем број претставки. Имаше луѓе што ги чуваа како бели мечки. Со тоа Македонија стана плодна почва на говор на омраза. Мислам дека до сега нема сериозен случај тоа да се санкционира и да послужи како лекција за понатаму. Тоа мора итно да се промени“, изјави Фрчкоска.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
Видео интервјуто е дел од граѓанската иницијатива „Зачекори напред!“, финансирана од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на граѓанската иницијатива „Зачекори напред!“