„20 дена по 8 март и шчо направивме?“ е националното мото на меѓународниот фестивал на поезија и уметност „Крик на жената“, познат како Women Poets International Movement, кој ќе се одржи по трети пат, на 28 март, во МКЦ Клуб ресторан.
Фестивалот ќе се одржи во чест на мајките како водичи на новите генерации, посветен на живот без насилство и во чест на мајките кои ги изгубиле своите ќерки, кои биле жртви на насилство. Мотото на меѓународниот фестивал оваа година е „Flashlights of Hope“ („Блесоци на надежта“).
Од Република Македонија, настанот го организираат и координираат Оливера Доцевска и Елена Пренџова. Фестивалот претставува светски синџир на настани и прослави во текот на целиот месец март, каде што уметници волонтираат во чест на жените и ќе се испраќаат пораки за самодоверба и почит, а и го зајакнуваат гласот против насилството врз жените.
Поддржувачи на овој настан и оваа година се МКЦ Клуб ресторан, уметничкото студио „Фантаст“, ЦИВИЛ – Центар за слобода, порталите civilmedia.mk и budnost.mk, Македонската платформа против сиромаштија – МППС, YENİ Yildiz TÜRK Derneği – Турското здружение „Нова Ѕвезда“ и други организации.