Фондот за здравствено осигурување за 50 отсто помалку ќе им исплаќа на лабораториите за изработка на ковид тестовите, јавува „СДК.мк“. Наместо досегашните 3.600 денари, исплатата за направен корона тест на државните болници и лаборатории ќе изнесува 1.850 денари. Граѓаните и во иднина ќе можат да се тестираат бесплатно во јавното здравство, но од Фондот се надеваат дека ваквиот потег ќе ја намали цената на корона тестовите кај приватните лаборатории и болници во земјава.
Приватните лаборатории и болници во земјава наплаќаат различни цени за изработка на ковид тестови кај пациентите, кои достигнуваат и до 9.000 денари во случај да е потребен брз резултат од тестирањето. Дел од граѓаните што се тестираат во приватни лаборатории ги користат резултатите за да можат да патуваат надвор од нашата земја или пак за да извршат некаква интервенција во приватните болници. Сепак, има и граѓани кои не можат да закажат термин за корона тест во јавното здравство поради тоа што не ги задоволуваат критериумите од епидемиолошката анкета, па се приморани да платат во приватните лаборатории и болници./META












