Дипломатските тензии околу глобалното затоплување ќе заземат централно место на самитот на Г-20 во Бразил, бидејќи претходно, преговарачите на Самитот на ОН во Азербејџан се најдоа во ќорсокак околу прашањето за финансирање на последиците од климатските промени, јавува Ројтерс, пренесе Мета.мк.
Шефовите на држави на самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро првите два дена ќе ги поминат во решавање на прашањата за сиромаштијата и гладот и реформите на глобалните институции. Сепак, актуелните разговори за климата од КОП 29 го свртеа вниманието кон справувањето со глобалното затоплување.
На Самитот на ООН, што годинава се одржува во Баку, е заклучено дека на земјите во развој им требаат најмалку еден трилион долари годишно до крајот на деценијата за да се справат со климатските промени. Успехот на овогодинешниот КОП зависи од тоа дали земјите можат да се договорат за нова финансиска цел која побогатите земји, заемодавците за развој и приватниот сектор ќе ја испорачуваат секоја година.
Многу земји рекоа дека парите се од суштинско значење за нивното поставување амбициозни климатски цели пред КОП 30 следната година во Бразил. Победата на Доналд Трамп ја доведе во прашање идната улога на Соединетите Држави во разговорите за климата, а тензиите меѓу развиените и земјите во развој испливаа на површина на главните сцени и во просториите за преговори.
Извор: Мета.мк