„Потребен ни е итен пресврт на мнозинството вакцини што одат во земји со високи приходи до мнозинството на земји со ниски приходи“, рече шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус. Тој повика на мораториум на дополнителното вакцинирање против КОВИД-19, барем до крајот на септември, бидејќи е зголемен јазот помеѓу вакцинирањето во богатите и сиромашните земји.
Повикот на мораториум за дополнителна вакцина доаѓа во време кога земјите размислуваат за потребата од засилување на борбата против брзото ширење на делта сојот на корона вирусот, јавува агенцијата Ројтерс.
“Ја разбирам загриженоста на сите влади, да го заштитат својот народ од варијантата делта. Но, не можеме да прифатиме, земји кои веќе го искористиле поголемиот дел од глобалната понуда на вакцини да користат повеќе од тоа”, додаде Тедрос Гебрејесус.
Земјите со високи примања администрираа околу 50 дози на секои 100 луѓе во мај и, тој број, според СЗО, двојно е зголемен. За разлика од нив, земјите со ниски приходи, поради недостаток од снабдување, можеа да администрираат само 1,5 дози на секои 100 луѓе.
Од друга страна, и покрај предупредувањето од СЗО, францускиот претседател Емануел Макрон денеска најави дека на ранливите групи и повозрасните луѓе најверојатно ќе им треба трета доза на вакцина против КОВИД-19, со што Париз и Берлин не се откажуваат од довакцинација.
Веројатно ќе биде потребна трета доза, но не за сите веднаш, туку за најранливите и највозрасните, изјави Макрон. Неговата Влада се обидува да ја забрза програмата за вакцинација во Франција, бидејќи земјата се соочува со четвртиот бран на корона вирусот и со улични протести против политиката за справување со КОВИД-19.
И покрај најновиот повик на СЗО да почекаат додека не се вакцинираат повеќе луѓе во светот, Германија и Франција планираат да продолжат со довакцинирање на населението од септември.
Франција и Германија досега вакцинирале 64,5 проценти, односно 62 проценти од населението со барем една доза, додека 49 проценти од Французите и 53 проценти од Германците се ревакцинирани.