Што ќе изгуби Македонија доколку за месец дена го реши тој проблем и оди понатаму со разговорите со Европската унија, праша поранешниот премиер Љубчо Георгиевски на трибината „Размислувања за иднината на Северна Македонија“, во организација на Странка на Демократска акција (СДА) на Македонија.
– Кога гледаме речник со висока патетика за одбрана на Македонија, за одбрана на македонскиот идентитет, не можеме да не го поставиме прашањето што е тоа што Македонија ќе го изгуби ако конечно го решиме тој проблем за месец дена и одиме понатаму со разговорите со Европската унија. Самиот чин на правење проблем, којшто реално не е проблем според философијата на македонската држава, од Илинденското востание, АСНОМ, па првиот Устав за независност на Македонија, па до ден денеска, каде што сме широко отворени за малцинствата и националностите, за мене навистина е несфатливо. Според мене, оваа Влада демонстрира еден наратив како ретко која досега Влада во Република Македонија, тотална безидејност на она што се нарекува пат кон европската интеграција, нагласи Георгиевски.
Поранешниот премиер вели дека никогаш не сме биле толку блиску до Европската унија, треба да направиме само еден чекор, којшто според мене е безболен чекор иако го претставуваат како голем удар врз македонскиот народ, а тоа е внесувањето на шесте народи во преамбулата.
Д. Муратов