Остварување на неприкосновеното право на глас на граѓанките и граѓаните е главната цел на новиот проект „Гласам, значи постојам“ што ЦИВИЛ – Центар за слобода, утре (вторник, 11 септември) ќе го промовира во повеќе општини од Вардарскиот регион.
Граѓанките и граѓаните на општините Велес, Градско, Росоман, Кавадарци и Неготино на инфо-штандовите на ЦИВИЛ ќе имаат можност да се информираат и да ги споделат своите ставови, мислења и информации во врска со претстојниот референдум со претставниците на огранизацијата и да ги остават своите пораки на паноата поставени на плоштадите во овие општини или анонимно ја остават својата порака во „кутија за гласање“. Исто така, тие ќе можат слободно да го искажат своето мислење и пред камерата на екипата на ЦИВИЛ МЕДИА (организациска единица на ЦИВИЛ).
Граѓанките и граѓаните од овие општини ќе имаат можност да се пријават и како краткорочни набљудувачи на референдумскиот процес.
ЦИВИЛ ќе се сретне со своите долгорочни набљудувачи од овие општини, на кои ќе се споделат досегашните наоди поврзани со референдумскиот процес.
Проектот е поддржан од Амбасадата на САД во Скопје.