Граѓанското здружение на текстилни и кожарски работници од Источниот регион – „Гласно“ спроведе истражување меѓу вработените во 16 фабрики за вреднувањето на нивниот труд.
На прашањето – дали им се плаќа за прекувремена работа, работниците се пожалиле дека во просек, секој месец им се скратуваат 3.000 денари, а од вкупно 16 фабрики, менаџментот во само седум, плаќаат прекувремено работење. А во 13 фабрики, вработените работеле и на државни празници!
Просекот на минимална плата во сите 16 фабрики изнесува 9.500 денари, и сите испитаници се согласни дека е потребно покачување на минималната плата. Со решение за работа се вработени во само шест фабрики, а што се однесува до годишниот одмор, работниците се принудени да потпишат дека ќе го користат целиот, но им дозволуваат да искористат само неколку дена.
Во однос на условите за работа во летниот период, на високи температури, 11 фабрики се климатизирани.
Здружението „Гласно“ , освен поттикот на работниците да се борат за своите права, се обидува да понуди решенија за подобри услови за работа на текстилните и кожарските работници.