Со над 550 учесници на семинари и работилници низ цела Македонија, со стотици објавени видео, фото и текстуални прилози од кои шеесет беа наградени, проектот Граѓански објектив веќе две години придонесува кон транспарентни и одговорни политички процеси.
По тој повод, ЦИВИЛ го организира мултимедијалниот промотивен настан „Ние сме медиумите“ на кој ги поканува медиумите и сите свои соработнички и соработници, поддржувачи, предавачи на семинарите, граѓански новинарки и новинари, активисти и заинтересирани граѓанки и граѓани, денеска, 18 декември 2017 (понеделник) во 13 часот во Клубот на новинари.
Овој настан е одлична можност да се промовира и публикацијата „Ние сме медиумите“, која е дел од проектот Граѓански објектив посветен на граѓанките и граѓаните во потрага по фактите, нецензурирани од политичките и финансиските центри на моќта.
Публикацијата „Ние сме медиумите“ содржи преглед на сите искуства, извештаи за автори, чии објавени трудови на медиумската платформа на ЦИВИЛ Медиа извршиле промени во општеството изминатата година. Публикацијата е објавена на македонски, албански и англиски јазик.
На презентацијата ќе бидат презентиран и избор од фотографии за граѓанското новинарство, како и проекција на видео сториите. Примероци од публикацијата и ДВД-то ќе бидат достапни бесплатно.
Проектот Граѓански објектив е финансиран од National Endowment for Democracy.