Министерството за здравство повторно упатува апел до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.
Според Министерството, носењето заштитна маска, одржувањето физичка дистанца и миењето раце – одржување на хигиена се единствените мерки кои може да го стопираат ширењето на вирусот. Тие се клучни во борбата со КОВИД-19.
-Вчера, министерот за здравство Венко Филипче истакна дека Законот за заштита од заразни болести веќе е во собраниска процедура и со амандманска интервенција ќе има можност веќе следната недела да се интервенира. Тој очекува измените во законот да се носат по скратена постапка, да се донесат новите мерки со цел спречување на ширењето на КОВИД-19. Насекаде во светот, во Европа и во нашата држава бројот на новозаболени од ковид-19 расте. Ризикот кој го носи есента е сериозен аларм дека мора доследно и во целост да се почитуваат универзалните мерки за заштита на индивидуалното и јавното здравје, уште повеќе заради тоа што временските услови се менуваат, а граѓаните почнуваат се повеќе да функционираат во затворени простории, наведува Министрството и уште еднаш повторува дека засега единствениот начин за заштита од вирусот секаде во светот, не само кај нас, е заштитна маска, потребното физичко растојание и редовна и темелна хигиена на рацете.
Од СДСМ велат дека рекордните бројки на инфицирани со коронавирусот во земјата бараат дисциплина од сите граѓани, доследно и строго почитување на мерките за заштита и ковид протоколите.
„Мора да бидеме солидарни, во борбата против невидливиот, смртоносен непријател, кој им се заканува на сите, а најдобро и најефикасно оружје е носење заштитна маска, шал или марама, држење дистанца и редовна дезинфекција и миење на рацете. Граѓаните се клучни во борбата против коронавирусот, ако сите ги почитуваме мерките за заштита ќе го зауздаме растот на новоинфицирани, ќе го спречиме ширењето на вирусот. Почитувањето на мерките ќе ги намали притисокот врз здравствениот систем и врз лекарите, медицинските сестри и помошниот здравствен персонал, кои седум месеци пожртвувано ги лекуваат заболените, ќе го намали ризикот од преполнување на болниците“, стои во нивното соопштение.
Мерките предложени од Комисијата за заразни болести, кои ќе стапат на сила по законските измени предвидуваат да се носи маска, марама или шал и на отворено, да нема групирање на повеќе од 4 лица на отворено после 22 часот и во домовите да биде дозволено присуство од најмногу четворица гости, покрај членовите на семејството.
„Владата предводена од СДСМ веќе им ги зголеми ингеренциите на сите инспекторати, да можат на лице место да изречат забрана за вршење на дејност до 30 дена за правни лица, што не ги почитуваат ковид протоколите“, додаваат од СДСМ.