ДРАГАН МИШЕВ
Првоаприлската шега на српскиот портал „Вино и Фино“ денес еден период беше главна вест на агрегаторот за вести Тајм.мк, откако група македонски „реномирани’ медиуми ја земаа здраво за готово (дез)информацијата дека македонско вино смедеревка од некоја си винарија „Газда Ѓоко“ во Мрзенци, се препродава во Франција како врвно бургундско вино за 250 евра.
Околу 20-тина различни медиуми. „го лапнаа кромидот“, и ја пренесоа „ексклузивната“ вест, по принципот на „ресавската школа“.
И никој притоа не се ни обиде да провери кои се француските медиуми кои пишувале на оваа тема, и дали воопшто постојат. Дали постои винарија „Газда Ѓоко“ во Мрзенци, и нејзиниот цитиран газда Ѓоко Трпески. Ниту дали постои францускиот енолог со „веома врло“ прикладно име за оваа пригода, Теле Репомаше („теле репом маше“ илити од српски – „теле мафта со опашката“), кого на големо го цитираат врвните професионалци од овие медиуми, како тој дава комплименти воодушевен од квалитетот на смедеревката на непостоечкиот газда на винаријата, Ѓоко Трпески кој дополнително „објаснува“ дека виното го продал за 0,50 евроценти за литар.
Дека се работи за првоаприлска шега на српскиот портал во телефонски разговор за Дојче Веле потврди и директорката на маркетинг Зденка Костиќ.
„Добро ги насамаривме“, смеејќи сеизјавила таа.
Во пренесениот од „А до Ш“ превод на српскиот текст, македонски медиуми триумфално ја пласираа лажната вест дека во Франција избил голем скандал откако се дознало дека винари од регионот на Бургундија наместо со своите скапоцени сорти Шабли и Монтраше, винските шишиња ги полнеле со евтина смедеревка од винарија од Мрзенци, а во истрагата бил вклучен и Еуропол.
Колку поголем „кромидот“, толку погладни медиуми. Барем за миг станаа славни и во соседството.
Епа, друштво, Наздравје! И „Don’t drink and drive“, а после кромидот земете Орбит, да не „заудара“ надалеку