Хелсиншкиот комитет денеска достави иницијатива до Министерството за правда за донесување Закон за постапката и условите за избор на уставните судии.
„Овој период, непосредно пред изборот на петмина нови уставни судии, е најсоодветна прилика да се разгледа прашањето за нормирање и регулирање на постапката и условите за избор на уставните судии со нов закон. Доколку во овој момент не започне постапката за негово правно уредување, ова прашање ќе остане недопрено и во следните седум години“, велат од Хелсиншки комитет.
„Оваа иницијатива е мотивирана од досега многукратно констатираната слабост на уставното судство како заштитник на човековите права, имајќи го предвид досегашното работење на Уставниот суд, чиј углед и авторитет е доведен во прашање поради низа причини:
-Уставниот суд, претставува најнереформираната институција во нашиот уставен и политички систем и оваа состојба исклучително негативно се одразува врз владеењето на правото и заштитата на човековите права,
-Досегашната практика на избор на уставни судии недвосмислено укажува на крајна политизираност, односно партизираност на постапката за избор која како своја последица го има изборот на уставни судии што многу повеќе се истакнуваат со својата лојалност кон партиите или одредени центри на моќ, отколку како правници. Поради тоа конечно треба да се стави крај на ваквата практика која целосно го урива и онака ниското ниво на авторитетот и углед. При ваква состојба во која се наоѓа Уставниот суд веќе дури не изненадува тврдењето дека оваа институција не може авторитативно да ја остварува својата најосновна функција, заштита на уставноста и законитоста преку контрола над почитувањето на уставноста и законитоста на носителите на трите власти во државата. Во последниот период преку низа примери Уставниот суд се покажа како институција која многу повеќе му штети на владеењето на правото и слободите и правата отколку што може да ги заштити.
-Со посебен закон кој јасноќе ја нормира и регулира постапката и ќе ги прецизира условите за избор на уставните судии, ќе се избегне преширокото толкување на категоријата „истакнат правник“ која во практиката веќе и не се гледа како вистински услов.
-Недоволни и површни се досегашните аргументи и изговори дека донесување на ваков закон кој ќе ги регулира постапката и условите за избор на уставните судии нема уставна основа. Имено, точно е дека уставотворецот оставил широк простор за манипулација на условите за избор на судии во Уставниот суд, затоа што Собранието на Република Северна Македонија не успеа да го искристализира стандардот „истакнат правник“. Сепак, уставната одредба од член 113 од Уставот на РСМ јасно регулира дека само начинот на работа и постапката пред Уставниот суд сеуредуваат со акт на Судот, но не и за постапката и условите за избор на уставните судии. Тоа јасно укажува дека со закон можат дополнително да се регулираат посебните аспекти на постапката за избор и воедно да се дефинира единствениот услов за избор на уставните судии. Впрочем во член 132 од Законот за Судскиот совет на РСМ се регулира уставниот услов, истакнат правник, за избор на уставните судии на предлог на Судскиот совет. Во таа смисла очигледно е дека веќе со закон кој се носи со релативно мнозинствосе регулира еден аспект од постапката и условите за избор на уставните судии“, се вели во Иницијативата.