Граѓанин на Шуто Оризари, најверојатно член на Сојузот на Роми, на својот Фејсбук профил ја поставил фотографијата на своите деца кои држат изборен плакат, за да ја изрази поддршката за Елвис Бајрам, кандидат за градоначалник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кому во инцидент пред три дена му беа нанесени повреди на главата.
„Еве ги моите деца што многу го сакаат својот чичко, Елвис Бајрам. Дај боже, побрзо да оздравите. Добиваме, тепаме и Шутка не ја даваме. Поздрав, Сојуз на Роми на Македонија …“, порачува од својот Фејсбук профил, овој жител на Шуто Оризари.
Овој граѓанин дури и го означил кандидатот Елвис Бајрам, па фотографијата се појавува и на неговиот Фејсбук профил. Тоа покажува дека и Бајрам го поддржува овој начин на изразување поддршка со инволвирање на децата – жители на оваа населба, само за да дојде до што повеќе политички поени, особено по инцидентот, доцна во понеделникот.
МВР вчера поднесе пријави против Бајрам и против седум други лица за направен прекршок со учество во тепачка, согласно со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.