Утрото по крвавиот четврток на 27 април 2017 година, тимот на ЦИВИЛ, според претходно зацртаниот план, наспроти безбедносниот ризик, беше на неколкудневни теренски задачи во Југозападниот дел на земјата. По враќањето од работните активности кои траеја и за време на долгиот првомајски викенд, тимот, утрото на 2 мај, утврди дека седиштето на Организацијата било мета на тешка провална кражба.
Причинета беше голема материјална штета. Поголема штета од материјалната, беа податоците што беа украдени од шесте лаптопи и трите екстерни хард дискови. Освен тоа, „крадците“ украдоа и друга опрема, а парите заборавени на едно од бироата во канцеларијата, не им биле интересни. За среќа, најважните и најдоверливите податоци се наоѓаат на безбедно и далеку од било каква провала или непогода. Тимот, исто така, забележа дека особено интересни им биле нотесите во канцеларијата на претседателот на Организацијата. Тие беа фрлени на подот и сите до едно беа отворени, разлистувани.
И по три години „истрагата е сè уште во тек“, односно полицијата не успеа да ги најде крадците.
Без оглед на мотивите, ЦИВИЛ продолжи со вообичаената динамика на работата, уште посилни и поодлучни во борбата за подобро утре, за слободно општество, за демократија, за слобода и слободни медими…
ЦИВИЛ сепак не губи надеж во институциите, односно верува дека полицијата ќе успее да ја заврши истрагата и дека ќе ги пронајде строителите, без оглед на тоа од каде ја добиле „инспирацијата“ за овој напад.
Д. М.