Трговскиот центар во Тетово е граден во последната декада на минатиот век со амбиција да биде главна трговска артерија во градот. Делува импозантно и гломазен, а располага со подземен паркинг, приземје и два ката. Со оглед на местоположбата и атрактивноста привлече многу инвеститори, физички лица, правни лица, а и некои државни органи и јавни претпријатија.
Денеска е запуштен, под забот на времето изгледа катастрофално.
Оние најупорните што останале тука да ја обезбедуваат својата егзистенција очајно апелираат и праќаат СОС пораки до сопствениците и надлежните институции итно да преземат неопходни мерки за спас на тетовскиот „Титаник“, како што го нарекуваат трговскиот центар.
„Неговиот спас е во интерес и на сопствениците и на општината Тетово и на државата, а највеќе на граѓаните“, велат тетовчани.
За неговите архитектонско-естетски и функционални вредности треба и се очекува мислење да даде стручната фела.
Делува како голем брод, „Титаник“ заринкан во центарот на Тетово. Но, факт е дека оваа градежна грдосија никогаш не проработи како што треба. Едноставно не заживеа. Се покажа како промашена инвестиција, се коментратие на граѓаните на Тетово.
Работи само приземјето и тоа нецелосно. На првиот кат е сместен Катастарот и неколку геодетски бироа, а на третиот кат состојбата е уште покатастрофана. Тука е сместено седиштето на локалната ТВ Коха. Најголемиот број на локали се затворени, а некои се толку запуштени што се користат како јавен тоалет. Ѓубрето е видливо насекаде, а од напуштените локали се шири ужасна реа. Лифтовите и јавното осветлување не работаат, а кровот на третиот кат прокиснува. Доколку дење поминете на вториот и третиот кат ќе се почувствувате најблаго речено многу непријатно, а ноќе постои опасност да залутате по тие лавиринти.
На потег се институциите.
Перо Наумовски