„Што очекувам од референдумот? Види, момче јас ќе гласам „за“, друго не можам да ти кажам“, вели една граѓанка на Кочани на прашањето на ЦИВИЛ Медиа, какви се нејзините очекувања од референдумот.
Мислењата на кочанчани се најразлични.
„Мислам дека ќе успееме некако да влеземе во Европа и дека ќе биде многу подобро за младите“, „Мислам дека народот треба да излезе, тоа е добро за иднината на нашите деца, на нашите внуци“, „Сите треба да бидеме за. Затоа што ќе бидеме отворени, цела Македонија ќе биде отворена. Каде сакаме ќе одиме, како што беше едно време со Тито, така ќе биде и сега“, се дел од одговорите на граѓанките и граѓаните на Кочани.
Други пак сметаат дека референдумот има за цел да ја уништи земјата.
„Мене ми изгледа дека Македонија се враќа во 1913 година, да се поништи името Македонија. Така ми асоцира. И со тоа така ќе заврши, само покасно малку, додека да се ублажат работите, да не се дига тензија“, вели еден кочанчанец.
„Ако не гласаме ќе останеме назад. Сите одат напред ние ќе останеме назад“, „Јас мислам дека нема ништо да се промени“, „Доста беше, јас мислам дека Македонија треба да тргне напред. Имаме услови, но никако не може да се створи еден ред и дисциплина. А за тоа пред се сме виновни ние граѓаните“, велат граѓаните во Кочани.
обработка на текст: Маја Ивановска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Владо Крстевски