Во тек е панел дискусијата на ЦИВИЛ – Центар за слобода од серијата настани „Во фокусот“ на тема „Информациски хаос: Трендови и перспективи“.
Учесници на панелот се помошникот на Министерот за внатрешни работи за односи со јавноста, Тони Ангеловски, универзитетската професорка Весна Попоска од универзитетот „Визион“ – Гостивар и уредничката на интернет порталот „Порталб“, Елида Зулбеари. Настанот го модерира Џабир Дерала – ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со серијата настани „Во фокусот“ кој овој пат ќе се изостри на дезинформациите и пропагандата.
Како организација за човекови права и слободи и како медиумска платформа, ЦИВИЛ со години будно ги следи состојбите во сферата на хибридните закани против демократијата и информацискиот хаос.
Дезинформациите и теориите на заговорот со години ги разградуваат општествата, ги поларизираат и ги дестабилизираат. Тие им даваат „крилја“ на радикалните структури насекаде низ светот, па така и во Северна Македонија. Дезинформациите, злонамерните и лажните вести, измамата, теориите на заговорот, псевдонауката, пропагандата и низа други појави со кои се внесува дисторзија и јавноста се заведува или се насочува врз основа на интересите на одредени центри на моќта, а не за да се информира, спаѓаат во т.н. информациски нарушувања или, според терминологијата усвоена во ЦИВИЛ, информациски хаос, вели Дерала во воведот во дискусијата.
Дезинформациите и другите облици на информацискиот хаос предизвикуваат ерозија на демократијата и демократските институции.
Кога ќе ги погледнете структурите кои водат пропаганда и дезинформациски кампањи, ќе забележите дека тие имаат практично неограничени ресурси кои ги користат нетранспарентно и без одговорност пред законите и јавноста. Тие се брзи и пробивни, бидејќи не располагаат со факти, туку со измислици, лаги и манипулации. Притоа, центрите за креирање и пласирање на пропаганда, дезинформации и теории на заговорот ги злоупотребуваат демократските придобивки во едно општество, користејќи ги правото на изразување и медиумските слободи во корист на своите неславни цели.
Од другата страна се наоѓаат оние што ги следат професионалните и етичките стандарди, за својата работа одговараат пред законот и јавноста, а нивните финансии се транспарентни. Затоа, многу полесно и побрзо е да се протне дезинформација и таа да се распространи насекаде, додека патот до утврдување и проверка на фактите за настаните, луѓето и процесите подлежат на голем број принципи и правила. Теориите на заговорот се измислици што може да се надоградуваат и модифицираат онака како што им одговара на тие што ги креирале. Од друга страна, анализите и толкувањата на настаните, состојбите и процесите подлежат на професионални и научни истражувања.
Дезинформациите и теориите на заговорот ги таргетираат емоциите на луѓето, стравот пред сè, а информациите му служат на разумот. Кога ќе слушнете дека некој спортист се струполил во спортската арена поради тоа што примил трета доза вакцина, таа информација директно ги засегнува луѓето и предизвикува страв за нивното и здравјето и животот на нивните блиски.
Или дека вакцината Астра Зенека ќе ги трансформира луѓето во шимпанза (да, има и таква теорија) предизвикува страв и недоверба, колку и да е смешна таа „информација“.
Зошто се креираат дезинформациите? Кој ги креира и како се дистрибуираат дезинформациите во јавниот простор? Кои се последиците? Кои се начините на справување со дезинформациите? Колку се успешни нашето општество и институциите во справувањето со дезинформациите?
Одговор на овие прашања ќе се обидеме да дадеме барем во некои општи рамки со нашите денешни гости на панелот „Информациски хаос: Трендови и перспективи“, што е дел од серијата онлајн настани на ЦИВИЛ со заедничко име „Во фокусот“.
Денеска разговараме со Помошникот на Министерот за внатрешни работи за односи со јавноста, Тони Ангеловски, универзитетската професорка Весна Попоска од универзитетот „Визион“ – Гостивар и уредничката на интернет порталот „Порталб“, Елида Зулбеари.
Настанот е поддржан од Програмата Цивика Мобилитас, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Весна Попоска, деканка на Универзитетот „Визион“, Гостивар
„Драго ми е што ЦИВИЛ се посветува на неделно ниво на овие теми, има неколку аспекти што треба да се согледаат во контекст на прашањата што ги постави, ќе се обидам да ги структурирам на начин повеќе да бидат јасни за јавноста, верувам дека Тони и Елида ќе ме поправат или надополнат.
За почеток, мора да имаме на ум дека дезинформации, како потекло на зборот, и покрај тоа што е латински корен, е преземен практично од руската верзија, како термин што се употребува од 1923 година во Бирото на Сталин. И потоа се развива како посебна врста на војување или како инструмент на мека моќ, и понатаму како што се развива општеството и западното, и прозападното и проруското.
Овие инструменти на моќ потоа практично ги презема доктрината на Герасимов, она што ние го знаеме од 2014 наваму, како дел од хибридно војување во кое влегува сајбер војувањето. А доктрината на Герасимов е практично наследена од Приманков, неговиот претходник во делот на надворешната политика. Ова на западот е генерално познато како напад на либералните вредности, и како напад на она што Западот го смета за своја цивилизациска придобивка, како крајност на слободата на говорот, слободата на мислата и медиумската слобода. Тоа се двете страни на медаљата, и затоа мора да се најде соодветен начин секоја слобода и право да бидат загарантирани во определен контекст, односно да се овозможи нивното користење и да се оневозможи нивната злоупотреба,“ посочува проф. Попоска.
Елида Зулбеари – Порталб
Јас ќе го повторам тоа што го кажувам со години, закони има, но треба да се почитуваат. Има закон за клевета и навреда, еве сега се утврдува новиот текст па треба да помине. Па имаше една збунка околу еден збор, некој таму погрешил па го поправија тој збор… Тоа што може да го направат новинарите е самите да го почитуваат Кодексот на новинарите, тоа е најбитно, затоа што тоа те прави новинар, така и публиката те препознава и знае кој медиум или кој новинар објавува точни информации. За тие онлајн платформи, јас така ги нарекувам бидејќи не ги сметам за медиуми, што сакаат да имаат некаков придонес или некоја придобивка по пат на ширење дезинформации, за тие има „прв лек“ може да се каже, медиумска писменост, и проверката на факти од страна на организациите, па и од самите новинари. Самите да ги почитуваа новинарите што работат, а публиката знае каде да слуша и каде да чита. Другите организации пто прават верификација на фактите, треба да го работат своето, и трето, има закони, еве сите овие институции, СЕММ го спомена, каде што граѓаните може да се обратат и да побараат исправка и СЕММ да реагира, вели Зулбеари.
Тони Ангеловски – МВР
„Ме радува што дискутираме на тема што е горлива за општеството, затоа што, меѓу другото, како што кажавте, ни се создаваат вакви проблеми пред се затоа што сме изложени на масовни дезинформации. Ние сме една од државите со најмало ниво на вакцинација, затоа што сме под влијание на дезинформациите, каде што, на пример „Стојанчо од Старо Нагоричане“ е убеден дека не треба да се вакцинира бидејќи Бил Гејтс, кога ќе стане наутро помислува дека треба него да го чипира.
Ова е наш реален проблем и мораме заеднички да го решаваме. Со заеднички напори со институциите, но пред се на невладините организации, и особено на новинарските здруженија. Како што спомнавте, имаме проблем со групата „Лев Тахор“, еве најавуваат протести во Охрид, затоа што лица од оваа група дошле во нивно село, што е навистина несфатливо, иако до сега немаме ниеден настан, ниедна причина да кажеме дека кој било криво погледнале, а не дека некој бил нападнат или загрозен. Но, бидејќи се пласираат низа дезинформации, се создава едно таква наелектризираност во Охрид, претходно во Куманово, во Скопје… И сето ова е плод на ширење дезинформации. И Тука се согласувам донекаде со Весна, дека државата не може да ги регулира медиумите, апсолутно. Бидејќи, секој , доколку му дадете можност да чепка во тој дел, може да направи злоупотреба. Медиумите треба да се регулираат самите“, вели меѓу другото Ангеловски.
Д. Тахири
камера: Дехран Муратов
реализација и монтажа: Ариан Мехмети