ВЕСТ НА ДЕНОТ: Институциите да реагираат на говорот на омраза, медиумската писменост е лек против лажните вести
„Бидејќи живееме среде хибридна војна, крајно време е да се признае дека демократските и прогресивни општества се загрозени од злоупотребата на самите демократски инструменти. Поточно, демократиите се нападнати од софистицирани, комплексни и упорни пропагандни машини, разузнавачки и контраразузнавачки агенции, подземни и криминални структури, лажни граѓански општества, верски кругови, бизниси, медиуми, академии итн“, со овие зборови Џабир Дерала претседателот на ЦИВИЛ ја отвори Регионалната конференција „Напади врз демократијата и човековите права: Граѓанските организации во поддршка на општествата од Западен Балкан кои се соочуваат со дезинформации, говор на омраза и хибридни напади“.
Нападите против граѓанските активисти и новинарите се безброј. Тоа не е само пропаганда на омраза од страна на некоја лута група радикали и горчливи тролови. Повеќе од очигледно е дека цела пропагандна машинерија стои зад повеќегодишните континуирани напади врз чинителите на граѓанското општество, особено оние што се видливи и влијателни, активни на дневна основа, како што е ЦИВИЛ“, посочи Дерала.
„ЦИВИЛ и Балканскиот форум се членови на граѓанскиот форум. Тоа е разновидна платформа на организации. Ние ги обединивме нашите напори да дадеме пример, да покажеме дека можеме да работиме заедно и да создадеме единствен фронт за справување со прашањата што ги кочат демократиите, напредокот и иднината на нашите земји. Ние презентиравме заеднички изјави и манифести на бројни самити, и работиме на зајакнување на односите меѓу граѓанското општество, медиумите, младите, академската дијаспора и деловните сектори во регионот на Балканот“, се обрати Астрит Истрефи од Балканскиот форум.
„Пропагандата, дезинформацијата, лажните вести, колку и да ги именуваме или дефинираме, докажано е дека имаат влијание не само во ширењето, туку и речиси имаат одлучувачко влијание на изборите, референдумите, мирот и процесите на интеграција во ЕУ, вклучително и во сегашната пандемија и вакцинација. Има многу докази за таква закана за нашите земји и општества“, посочи Истрефи.
Меѓу учесниците и говорниците на двата панели на конференцијата беа Марион Краске, проф-д-р Снежана Трпевска, Волфганг Ресман, Амина Шурковиќ, Ненад Шебек, Абит Хоџа, Амина Шемсовиќ, Ерјон Цурај, Бојан Кордалов, Мерсиха Смаиловиќ, Владимир Ѓорѓевски и други претставници на медиумите и граѓанското општество. Учесниците се од земјите на Западен Балкан и од Германија.
Конференцијата ја организираше ЦИВИЛ во соработка со Балкан форум и членките на Платформата за граѓанско општество за демократија и човекови права (ПГО).
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
К„ако заклучок, навистина мора да констатираме дека лажните вести стануваат се повеќе глобален предизвик. Затоа ни требаат глобални агенди, глобални мрежи, мора да ставиме знак прашалник пред моќниците. Мора јасно да кажеме дека ова е исто така проблем во ЕУ. Треба да се фокусираме и на медиумската писменост, образованието. Треба да создадеме мрежа во Југоисточна Европа, и ќе продолжиме со ова. Треба да создадеме мрежа на слободни медиуми. Се надеваме, ќе ни се придружите во воспоставувањето на оваа мрежа. Ова ќе помогне да се направи проблемот видлив, а потоа да се работи на контра мерки“, истакна политичката аналитичарка Марион Краске.
ФЛЕШ ВЕСТИ
НЕПРАВДА Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, основал фирма со седиште во Пецел, предградие на Будимпешта, пишува унгарскиот портал 24.ху. Порталот открива дека Груевски отворил приватен бизнис во Унгарија. Неговата фирма ИЦИЦ Кфт, е регистрирана во Пецел, предградие на Будимпешта на 15 јули и тој е директор и основач на компанијата. Нејзина главна активност е бизнис менаџмент и бизнис консалтинг, но фирмата се занимава и со продажба на големо на порцелан, стаклени производи и производи за чистење…
ПРАВДА ОБСЕ и ЕУ денеска го одбележаа почетокот на заедничкиот проект за мониторинг на судски процеси во областа на организираниот криминал и корупција, чија цел е подобрување на спроведување на правдата и намалување на корупцијата и организираниот криминал, што е неопходно за исполнување на критериумите за пристапување во ЕУ. Набљудувањето на судските процеси ќе започне во јули 2021 година и ќе трае до декември 2023 година.
КОАЛИЦИЈА Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев соопшти дека договорил соработка за локалните избори со претседателот на ДПА, Мендух Тачи.
ВАУЧЕРИ На сите граѓани што аплицирале и што ги исполнуваат условите за добивање ваучер за домашен туризам ќе им бидат врачени во текот на наредната недела и нема да важи условот „прв дојден, прв услужен“ што се применуваше досега, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
СУДСКА ОДЛУКА Апелацискиот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како „Титаник 3“, ги уважи жалбите на обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими, и ја укина првостепената пресуда. Гури и Алими на 31 март 2020 година беа осудени на по три и пол години затвор за „Титаник 3“, заради уништување на изборен материјал во локалните избори во општина Чаир, во 2013 година.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Стуткан во својата злоба и неспособност, ова сениште е длабоко несреќно и празно. Не постојат пари, моќ или слава што можат да ја надоместат таа болна празнотија во него и во неговите зборови (лаги). Колку и да се качува по скалилата, тој е речиси невидлив (безначаен) за својот спонзор – непријателот на демократијата, правдата и слободата. Едноставно, неговиот живот на јавната и политичката сцена е бескрајно искачување во празно. И сето време го јадат комплексите, бидејќи не може да им дојде ни до глуждот на оние против кои сесрдно плука.
Ова е „фоторобот“ на дел од македонските криминалци во политиката, се однесува на повеќе десетици неранимајковци што ги гледаме, слушаме и читаме секој ден, како со нашите пари удираат по нашите животи. Родово е несензитивен, од проста причина што мажите речиси целосно доминираат во оваа категорија. За нивна голема жал и на разочарување на нивните поголеми газди и спонзори, криминалците во политиката ќе добијат можеби уште некоја битка, но војната што ја поведоа – извесно е – ќе ја изгубат“, пишува Џабир Дерала во својата колумна „Фоторобот на криминалецот во политиката: Бескрајно искачување во празно“.
Д. Муратов