Jавна дискусија „Инвестирање во уметноста/културата или можности за демаскирање“, ќе се одржи на 17 јуни 2017 (сабота) во „Кино Култура“, со почеток во 13,00 часот.
Идејата на оваа дискусија е значењето на поимите „јавно“ и „инвестиции“ и нивната употреба во последниве години, како и одговорноста на сите органи од јавен карактер за општата ситуација на сцената.
На темата ќе дискутираат Роберт Алаѓозовски, министер за култура, Ивана Васева, кураторка, Ивана Драгшиќ, социолог и уметничка и Еди Мука, куратор од Тирана/Стокхолм.
Настанот ќе го модерира Милан Живковиќ, општествен истражувач.
Како што најавуваат организаторите, ќе бидат начнати прашањата за улогата на институциите и нивната отвореност за соработка со граѓанскиот сектор, но и за различните формати на настани кои би воделе кон своевиден развој на современата визуелна уметничка сцена.
Дискусијата се очекува да го потенцира и економскиот аспект и стабилноста на ова поле, како и неговата злоупотреба и злоупотребата на јавните средства наменети за креирање на фиктивни идентитетски политики во земјава.
Пред дискусијата, со почеток од 12 часот, ќе се одржи и јавно предавање од Еди Мука.
Настанот е дел од едукативната програма Совршениот уметник, која се одвива во четири дводневни модули во периодот од мај до јули 2017 година.