Иранците кои се против режимот во Исламската република денеска ја одбележуваат првата годишнина од смртта на младата Махса Амини, која беше приведена поради наводно кршење на иранските правила за облекување на жените.
Иранските безбедносни сили денеска го приведоа таткото на Махса Амини, во момент кога тој го напуштал својот дом во западен Иран, изјави извор близок до семејството, како и групи за човекови права. Но, тој бил ослободен по кратко задржување со предупредување да не ја одбележува годишнината од смртта на својата ќерка.
„Безбедносните сили денеска го уапсија Амјад Амини и потоа го вратија во неговиот дом откако му се заканија да не ја одбележува годишнината од смртта на неговата ќерка“, соопшти Курдистанската мрежа за човекови права.
На годишнината, активистите велат дека властите преземаат мерки за да ги спречат луѓето повторно да протестираат против режимот. Смртта на младата девојка во полициски притвор пред една година предизвика неколкумесечни антивладини протести кои се претворија во најсилната реакција на опозицијата во последните години.
Махса Амини имаше 22 години. Таа беше иранска Курдка. Нејзините роднини велат дека починала како резултат на удар во главата што и бил нанесен во притвор. Властите ја демантираат оваа верзија.
На протестите кои следеа по смртта на Махса учествуваа многу жени кои одбија да се покријат како што налага иранскиот кодекс на облекување.
Меѓутоа, по неколку месеци, протестите го загубија својот замав пред репресијата од властите, при што беа убиени 551 демонстрант, меѓу кои 68 деца, покажуваат податоците на Иранската организација за човекови права со седиште во Норвешка. Според „Амнести интернешнл“, повеќе од 22.000 луѓе се уапсени.
Г. Т.