„Протестирам САД“ денеска излезе со ново соопштение во кое го отфрлаат попречувањето на, како што се вели, избраниот претседател на Собранието, Талат Џафери, во преземање на должноста и извршување на задачите и должностите, согласно Уставот на Република Македонија.
„Најостро го осудуваме нападот врз парламентарниот дом и насилството врз народните избраници и присутните новинари. Очекуваме од правосудниот систем и другите надлежни институции најитно да ги откријат и да преземат соодветни законски мерки против сторителите, поттикнувачите и организаторите на овие настани. Во исто време, заедно со сета македонска јавност, бараме одговори за причините за затајувањето на службите за безбедност, пред сè, на полицијата, за време на овие настани, како и соодветна одговорност“, се вели во соопштението.
„Со изборот на господинот Талат Џафери за претседател на Собранието се отвора пат за формирање влада и изнаоѓање решенија за почеток на разрешувањето на долготрајната политичка и институционална криза во Македонија. Очекуваме парламентарното мнозинство да формира влада во најкус можен рок и да овозможи функционирање на институциите и владините служби и да обезбеди целосна безбедност и сигурност на граѓаните на Република Македонија. Се надеваме дека партиите од парламентарното малцинство ќе покажат висока свест за моментот во кој се наоѓа државата и ќе овозможат мирен трансфер на власта“, е ставот на „Протестирам САД“.
„Повикуваме на смиреност, разум и почит на законите и демократските принципи. Ја изразуваме нашата почит кон граѓаните на Република Македонија кои покажаа исклучителна зрелост и воздржаност во критичните моменти од минатата недела. Очекуваме дека ќе биде така и во деновите и неделите што претстојат, а и понатаму, за да не се дозволи нарушување на мирот, безбедноста и меѓуетничките односи во државата“, се денешните пораки на дел од македонската дијаспора во САД.
Тие очекуваат излез од кризата и го поздравуваат ангажманот на меѓународната заедница и нејзините напори за помош на земјата.
„Протестирам САД“, претходно објави соопштение со кое ги осуди нападите врз пратениците во Собранието, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. Упадот во Собранието и физичкиот напад врз дел од пратениците беше дел од протестот на иницијативата „За заедничка Македонија“.