ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува да биде место каде и по оневозможувањето на граѓан(к)ите да пополнат пријава на веб-страницата на Државната изборна комисија, тие постојано пријавуваат голем број неправилности во Избирачкиот список.
“Мојот брат Љ.К. е одселен во Канада од 1987 година, и е канадски државјанин. Покрај тоа, се уште според списокот на гласачи се води на мојата адреса, ул. ‘Александар Мартулков’ бр. 11. Исто така, и лицето Н. К. од село Брајчино, општина Ресен, кој го остварува своето гласачко право во Канада, се води како гласач во Македонија.”, стои во пријавата која пристигна од граѓанин од преспанско.
“Отселени сме од Македонија од 2001 година. На нашите документи за лична идентификација, стои канадска адреса. Проблемот е што во Избирачкиот список се уште не има. Освен сопругата В. Л. и мене А. Л., го има и синот Б. Л. којшто во Македонија не живее од негова 10-годишна возраст. Според Избирачкиот список, се водиме во општина Карпош, на Булевар ‘Партизански одреди’, бр. 149”.
“На ул. ‘Борис Кидрич’ бр. 49 во Тетово, покрај четиричленото семејство кое живее на оваа адреса, според списокот на гласачи, паралелно на истата адреса живее уште едно петчлено семејство”, се вели во пријавата која пристигна во ЦИВИЛ од Тетово.
Пријавите за фантомски гласачи, како и за други проблеми и нерегуларности, може да се испраќаат на [email protected] или на телефоните 02/520 9176 или 075/565 830.
ЦИВИЛ го набљудува изборниот процес преку своите проекти „Напред!“, „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ и “Граѓански објектив“.
Марија Теговска