ЦИВИЛ во соработка со Општина Центар на 19 декември, во културниот центар „Јадро“ одржаа мултимедијален настан „Заедно за подобра иднина“.
На настанот беа изложени ликовни креативни творби од ученици од осум училишта од општината, со креативни и силни пораки за мултикутурализмот и почитување на различностите.
За најуспешните цртежи, беа доделени симболични награди од страна на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, а претседателот на ЦИВИЛ им подели благодарници на учениците, менторите, училиштата и градоначалникот.
На настанот пред учениците и бројната публика, се обратија градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
„Почитувани ученици, родители, почитувани претставници на ЦИВИЛ! Го поздравувам овој проект, кој дава силна поддршка на европските вредности и мултикултурното општество. Вашето мото „Заедно за подобра иднина“, е одраз на она за што и ние како општина се залагаме. А тоа е промоција на еднаквоста, почитување на другиот, без оглед на етничката и верска припадност. Честитки за учениците кои добија награди за ликовните творби на овој конкурс, им посакувам уште многу вакви признанија, а на сите нас, квалитетен соживот, преку вакви проекти, кои ги спојуваат нашите млади генерации“, рече градоначалникот Герасимовски.
„Морам да кажам дека цртежите и сликите што ги видов кога дојдов овде, ме трогнаа, и во исто време ме направија многу голем оптимист. Заради тоа што вие сега, апелирате до иднината. Во неа одите вие. Вие ќе ја наследите оваа земја, вие ќе ја наследите оваа планета…
И вие, ќе ја водите и оваа земја, и се што подразбира живот на оваа планета. Вие ќе бидете лидерките и лидерите кои ќе му дадат иднина на овој свет.
Жал ми е што дел од мојата генерација ви остава малку тежок свет за раководење, но, гледајќи ги овие визуелни пораки, верувам дека пред нас има подобра иднина, која верувам дека сите заедно ќе ја градите, и ќе ни одржите нам лекција за тоа како се живее заедно, како се гради едно општество заедно, и како се гради една подобра иднина од онаа што можеби во овој момент ви се чини – слушајќи и гледајќи вести, за кои знам дека возрасните не се доволно внимателни, и не ве чуваат доволно од нив.
Морам да кажам дека сум горд што сум дел од овој настан денеска, и гледајќи ги овие цртеќи, научив нешто денеска. Научив нови работи, нови пораки, и ви ветувам дека јас ќе ги носам и во срцето и во умот, од денеска па натаму“, порача Дерала.
Проектот „Заедно за подобра иднина“ ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
Мултимедијални настани „Заедно за подобра иднина“ се одржаа и во Општините Чаир, Кочани, и Гостивар на кои учениците преку ликовни творби, изразија силни пораки за мултикултурализмот.
Д. Тахири
Камера: Дехран Муратов
Фотографија: Горан Наумовски
Монтажа: Ариан Мехмети