Државниот завод за статистика, во текот на 2018-2019 година го спроведе Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС), како дел од Глобалната програма MICS за состојбата на децата и жените.
Техничката поддршка ја обезбеди Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), со финансиска поддршка од УНИЦЕФ, Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Британската амбасада.
Глобалната програма MICS е развиена од страна на УНИЦЕФ во 90-тите години како меѓународна повеќенаменска програма за анкетирање на домаќинствата за поддршка на земјите во прибирањето на меѓународно споредливи податоци за широк спектар на индикатори за состојбата на децата и жените.
Со истражувањето МИКС се мерат клучните индикатори кои им овозможуваат на земјите да создаваат податоци за креирање на политики, програми и национални планови за развој и да го следат напредокот кон целите за одржлив развој (SDG) и други меѓународни договори.
Извештајот од истражувањето е објавен во мај 2020 година, но поради светската пандемија на Ковид-19, како и поради бројните обврски поврзани со Пописот 2021, извештајот не доби публицитет каков што заслужува. Затоа, во периодот кој следува, Државниот завод за статистика ќе објавува инфографици со податоци и клучни поенти од извештајот, со кои сакаме да ја претставиме сликата за состојбата на децата и жените во Република Северна Македонија. Во денешниот инфографик претставуваме податоци за функционалност кај децата.

Според одговорите на нивните мајки/старатели, 9 проценти од децата на возраст 2-17 години имаат функционални
тешкотии во најмалку еден домен. Согласно со одговорите на мајките/старателите, поголем дел од децата во најсиромашните домаќинства доживуваат функционални тешкотии во кој било од домените, во споредба со нивните врсници во најбогатите
домаќинства – 13 наспроти 4 проценти. Гледано по возрасни групи, 2 проценти од децата на возраст 2-4 години и 11
проценти од децата на возраст 5-17 години имаат тешкотии во најмалку еден домен, според одговорот на мајките/старателите.
Резултатите по домени на тешкотии покажуваат дека 9 проценти од децата на возраст 5-17 години имаат анксиозност, додека 2 проценти страдаат од тага или депресија, според одговорот на мајките/старателите.
Околу 10 проценти од децата на возраст 2-17 години носат очила, додека помалку од 1 процент користат опрема или добиваат помош при одење.
Децата со попреченост се меѓу најмаргинализираните групи во општеството. Соочени со секојдневна дискриминација во форма на негативни ставови и недостаток на соодветни политики и законодавство, тие честопати се меѓу најсиромашните членови на населението и имаат помала веројатност да посетуваат училиште, да имаат пристап до медицински услуги или нивниот глас да се слушне во општеството. Дискриминацијата и исклучувањето на децата со попреченост, исто така, ги става во поголем ризик од физичка и емоционална злоупотреба или други форми на запоставување, насилство и експлоатација.
Конвенцијата за правата на детето (УНИЦЕФ, 1989) и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (ОН, 2006) експлицитно ги наведуваат правата на децата со попреченост на еднаква основа со другите деца и повикуваат на подобрувања во нивниот пристап на услугите и нивното учество во сите аспекти на животот. За да се постигнат овие цели, постои потреба од меѓунационално споредливи и веродостојни податоци. Модулот за функционалност кај децата е дизајниран во согласност со Меѓународната класификација на СЗО за функционирање, попреченост и здравје и Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, за собирање информации за функционалните тешкотии што децата ги доживуваат во различни домени, вклучувајќи слух, вид, комуникација/разбирање, учење,
подвижност и чувства. Децата со функционални тешкотии може да бидат изложени на ризик од ограничено учество во средина што не ги прифаќа и го ограничува исполнувањето на нивите права.
Линк до инфографикот: http://www.stat.gov.mk/