Тендерот за изработка на физибилити студија за оправданоста приватниот сектор да ја финансира и да стопанисува со Брза помош и со домашната посета преку јавно приватно партнерство има рок до 14 ноември, за тоа Министерството за здравство смета дека овие две служби се во лоша состојба и дека нешто треба да се смени.
Од кабинетот на министерот Филипче, за НОВА велат дека во моментот бараат начин како да ја подобрат ситуацијата и дека конкретно моделот на јавно приватно партнерство за брза помош функционира во Италија и дека од тие причини решиле да направат физибилити студија за да ги испитаат можностите за ЈПП во брзата помош во Македонија. Физибилити студијата ќе покаже дали ќе биде тој модел можен и кај нас.
Моделот на јавно приватно партнерство функционира со поголем интензитет во последните 20 години во развиените, но и во земјите во развој и е одраз на политиката на јавната власт, односно на реформите што власта има намера да ги спроведе за да обезбеди подобри јавни услуги.
Јавното приватно партнерство е долготраен процес кој може да трае дури и до 30 години за да може приватникот да си ги врати вложените средства и да оствари профит.
Професорката Мирјана Најчевска за ова напиша коментар на својот фејсбук профил каде вели дека тоа не е глупост, и министерот добро знае за што зборува.
„Ова е свесен, добро смислен и обмислен криминал. Ова е изигрување на системот на заштита на граѓаните. Ова е манипулација од епски размери. Потребен ни е министер кој ќе го среди системот на здравствена заштита, а не кој ќе го претвори во пазар, кој ќе ја одржи веќе метастазираната корупција и кој ќе го го распрчка и она малку што останало од заштитата на граѓаните. Како може некој приватник кој сака да заработи и да оствари екстра профит да биде подобар давател на услуга. Дај бре гонете го човекот и дајте некој доблесен на тоа место“, напиша Најчевска.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во кое велат дека министерот најавил префлање на Детската кардиохирургија во клиниката ‘Жан Митрев’ како јавно-приватно партнерство. Сега најавил и здравствените услуги како ин витро оплодување, итната помош и други дејности да преминат во приватното здравство
Тие прашуваат дали со овој чекор министерот за здравство сака да најави дека освен префрлување на здравствени дејности во приватен сектор, каде услугите ќе бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување, ќе има и приватизации.
„Дали министерот се води по максимата кој има пари ќе преживее“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
А. Петровска