Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов има рок до четврток на полноќ да го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците или истиот да го врати во Собранието.
Законот во Собранието беше изгласан на 11 јануари, по што текстот беше испратен до кабинетот на претседателот. Од таму соопштија дека тој има седум дена да одлучи дали ќе го потпише указот.
За време на неговото обраќање во Собранието кажа дека овој закон е неуставен и дека претставува закана по унитарноста на државата.
Инаку, колку за потсетување, Иванов не сакаше да го додели мандатот за составување на Влада на сегашниот премиер, Зоран Заев. Тој тогаш бараше да се вети дека нема да има Тиранска платформа. Иванов сепак потпиша, откако ги потроши сите „финти“ за оспорување на потпишување на мандатот. Дали и овој пат претседателот ќе најде накаква (не)законска пречка, и нема да го потпише Законот за употреба на јазиците?!
Доколку Иванов одлучи да не го потпише Законот, тогаш тој се враќа во Собранието, каде што во рок од 30 дена повторно ќе биде разгледан на трето читање. Тогаш може да се поднесуваат амандмани само во врска со укажувањата на претседателот.
По повторното разгледување, доколку законот е усвоен, претседателот е должен да го потпише указот.
Д.Муратов