Македонската делегација на дводневниот Самит на НАТО во Варшава ја предводат вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Поповски и министерот за одбрана, Зоран Јолевски. Претседателот Ѓорге Иванов, како што за ЦИВИЛ Медиа изјавија од неговиот кабинет, уште пред две години донел одлука да ги бојкотира самитите на НАТО и ја одбил поканата од Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, што му била упатена на 15 април, годинава
„На поканата, претседателот Иванов одговори со аргументите што веќе се изнесени во јавноста, и воедно го извести Генералниот секретар, Столтенберг за учеството на министрите Попоски и Јолевски на Самитот. Претседателот Иванов уште пред самитот на НАТО во Кардиф во 2014, донесе одлука да не учествува на самити на НАТО, на кои нема да бидат испочитувани заложбите на Република Македонија и на кои ќе продолжи игнорирањето на меѓународното право, пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, геополитичките аспекти, безбедносните предизвици во регионот… Конзистентен став на претседателот Иванов е дека фрустрациите од предолгото чекање се одразуваат на севкупниот живот во Република Македонија, особено во политичкиот и меѓуетничкиот. Се додека не се земаат предвид овие факти, претседателот Иванов нема да учествува на самити на НАТО“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Александар Чочевски, советник за односи со јавност во кабинетот на Иванов, .
Клучните безбедносни теми на Самитот на Алијансата се континуираната поддршка на авганистанските вооружени сили, борбата против „Исламска држава“ на јужното крило на НАТО и превенција од „руска агресија“ на источните граници. НАТО и Европската унија потпишаа заедничка Декларација за подобрување на соработката во сите аспекти на одбраната.
На Самитот присуствуваат претседателите на САД, Барак Обама и на Франција, Франсоа Оланд, германската канцеларка Ангела Меркел, британскиот премиер во заминување, Дејвид Камерон и други високи државници.
М. Талеска