ЦИВИЛ Медиа разговараше со новинарот Зоран Иванов за тоа како помина 2019 година во однос на политичката и општествената ситуација во државата и за перспективите за оваа нова 2020 година. Според него, Преспанскиот договор беше најважната работа што македонската дипломатија ја оствари, иако е потпишан во 2018 година.
„Факт е, за мене барем дека Македонија со овој чин конечно исчекори од таа зачмаеност, иако резултатите се уште не се гледаат и сме на почеток од тоа. Тој договор со Грција и промената на Уставот го чинеше многу македонскиот правен поредок кој и онака беше руиниран, но со компромисите внатре што мораа да се направат за тој да се ефектуира, целосно се урна правниот поредок и тоа е најголемото разочарување на граѓаните, граѓанските активисти, воопшто на луѓето кои бараа промени по децениската блокада на земјата од сите аспекти, медиумска, правна со т.н. режим“, вели Иванов.
Иванов вели дека една од грешките е договорот за предвремени парламентарни избори во април.
„Очекував договор меѓу политичките субјекти, наместо да трчаат на избори, за практично неколку месеци до редовните, стопираа какви било реформи и промени, водат дискусии за изборни реформи што се знаеше однапред дека тоа нема да се истркала до наредните избори, но, можеа за тоа време на Макрон и останатите да им испорачаат некоја крупна реформа, да одговорат на нивното не за почетокот на преговорите со ЕУ“, додава Иванов.
Според него, личност на изминатата 2019 година е тогашниот премиер Зоран Заев, кој и покрај неговите маани, слабости, грешки и разочарувања кај многумина, тој покажал дека Македонија може и со Преспанскиот договор прекршил многу табуа, иако нанело болка кај многу луѓе.
Маја Ивановска
обработка на текст: Ангела Петровска
камера: Ариан Мехмети
монтажа: Владимир Перчуклиевски