– Ги цениме напорите да се решат нерешените прашања меѓу Северна Македонија и Република Бугарија. Тоа е навистина важно и нешто кон што повикуваме што се однесува до отворањето на самите преговори. Тука можам да го повторам она што го кажува раководството на ЕУ, се надеваме дека преговорите ќе се отворат што е можно побрзо, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир.
– Некои училишта прават бизнис од јавното образование кое според законот е бесплатно. Бараме ДПИ јавно да ги објави извештаите за направените инспекции во четирите училишта. Ги поздравивме инспекциите, но, не интересира методологијата на извештаите односно како дошле до овие заклучоци. ДПИ го контактиравме на 14 јуни, а се уште немаме одговор. Затоа сметаме дека извештаите по ова прашање треба да бидат јавни, рече новиот лидер на средношколскиот сојуз, Лука Павиќевиќ на денешната прес-конференција што се одржа пред Министерството за образование и наука.
– Финансиската поддршка од 65 милиони швајцарски франци за Програмата за соработка со Северна Македонија 2021-2024 е креирана во тесна соработка на Швајцарската агенција за развој и соработка и Државниот секретаријат за економски прашања, со институциите од централната и локалната власт, со партнерите од граѓанското општество и приватниот сектор. Швајцарија има релевантно искуство и експертиза во сите овие области, подвлече премиерот Зоран Заев издвојувајќи неколку од придобивките од Швајцарската програма за соработка со Северна Македонија, особено во областа на демократското управување како најдолготрајна.
– Со огромен ентузијазам сме во исчекување на усвојувањето на финалните документи на 25 јуни 2021. Ова е значаен чекор напред во борбата за која треба поддршка од секого и неопходна регионална соработка. Секој може да даде придонес, секој треба да тргне од личните постапки и да помогне да ја сопреме корупцијата, наведе вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.