Маричиќ: Не гледам расположение во ЕУ за раздвојување Скопје и Тирана
„Не ми делува едноставно раздвојувањето како концепт. Може да се зголеми евроскептицизмот, ова е борба за кредибилитетот на Европската Унија, Австрија и Германија и другите се трудат да се на Балканот, да праќаат пораки. Не е тајна дека Вархеји е од партијата на премиерот Орбан, не е мое да го коментирам неговото однесување, треба да се даде шанса на неговото дејствување. Имаме коректна соработка со него. Волја за проширување има, но темата таму не е толку популарна. Ние бараме да почнеме преговори, треба на тоа барање да опстоиме, опкружени сме со земји членки. Нема друга посериозна политика за нас од членство во ЕУ, се друго ќе отвори можност за нон-пејпери“, изјави Маричиќ.
Зурабишвили: Отворањето на прегорите на Северна Македонија со ЕУ ќе биде силен сигнал за Грузија
„Ние видовме дека Северна Македонија во минатото надмина една таква пречка, би рекла посериозна пречка на нејзиниот пат кон членството во НАТО. Убедена сум дека на истиот начин Северна Македонија ќе биде во можност да ја надмине и пречката со која во моментов се соочува. Ние малите земји кои во минатото сме покажале издржливост, сме се соочиле со многу историски настани во изминатите векови, со инвазии, окупации, научивме дека треба да се биде отпорен, да се биде тврдоглав, да го знаете правецот во кој одите. Ние малите земји сме оптимисти бидејќи гледаме резултати. За нас Грузија резултат што Северна Македонија го постигна со членството во НАТО е многу силен сигнал дека врата на Алијансата е навистина отворена и дека не станува само за зборови, туку за реалност што на сите нас ни дава оптимизам. Во исто време се надевам дека тоа ќе се случи и со отворање на преговорите за пристапување , што ќе биде одличен сигнал и за Грузија бидејќи тоа е нашата заедничка перспектива,“ изјави претседателката на Грузија Зурабишвили.
Пендаровски: Моите ставови за „27 април“ и пред и по средбата со Мицкоски се апсолутно идентични
„Јас имав соопштение после тоа, после таа негова изјава во кое кажав дека и во дипломатијата и во политиката кога излегувате на одвоени изјави јасно е дека сте имале различни ставови за истите настани. Да имавме усогласени ставови за „27 април“, како што тој вели, сигурно би излегле на заедничка прес-конференција или со заедничко соопштение кое би го потпишале двајцата. Немам што да додадам на тоа. Станува збор за реалноста тоа што внатре се случуваше и која беше соопштена многу пати. Инаку моите ставови за „27 април“ воопшто не зависеа од средбата со господинот Мицковски. Моите ставови и пред таа средба и потоа и денес ако ме прашувате се апсолутно идентични,“ вели Пендаровски на новинарско прашање за обвинувањата од Мицкоски дека изјавите кои ги дал ден по средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ околу „27 април“ се разликуваат од кажаното од него на самата средба.
„Вакцинацијата се одвива добро. Вакцинирани се околу 110 илјади граѓани, а сега се вакцинираат оние 170 илјади граѓани кои се пријавиле на сајтот „vakcinacija.mk“ до 30 април. Граѓаните го следат апелот за пријавување на сајтот, а доколку нема нова мутација на вирусот, колективниот имунитет сигурно ќе го стекнеме до крајот на летото“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
И.К.