Богатство од изјави на денешната дебата на ЦИВИЛ „На „Балот“ на ромските права“, Флоријан Бибер за бугарските уцени, Филипче за мерките.
Флоријан Бибер: Тие што го блокираа европскиот пат на Скопје, не добија ништо со својот национализам
Оние што го блокираа стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, не добија ништо со својот национализам на изборите во Бугарија, оцени во објава на Твитер луксембуршкиот универзитетски професор, историчар и експерт за Балканот, Флоријан Бибер.
– Имајќи ги предвид резултатите од изборите во Бугарија, дали можеме да кажеме дека никој од оние кои решија да ја блокираат Северна Македонија за преговорите со ЕУ, не профитираше од овој евтин националистички обид? Време е да се продолжи понатаму, наведе Бибер во објавата.
На парламентарните избори во Бугарија победи коалицијата на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Сојузот на демократските сили (СДС), предводена од премиерот Бојко Борисов со освоени 25,8 отсто од гласовите, пред партијата Има таков народ на Слави Трифунов со 17,5 проценти и блокот на Бугарската социјалистичка партија (БСП) до 14,8 отсто.
Места во идното бугарско Народно собрание обезбедија и партијата на бугарските Турци, Движењето за права и слободи (ДПС) со освоени 10,2 проценти од гласовите, коалицијата Демократска Бугарија со 9,4 отсто и блокот „Исправи се! Мафијата надвор!“ со 4,7 проценти.
Филипче: Мерките никогаш не биле политички мотивирани, врвен приоритет е јавното здравје
Никогаш досега од лани кога започнавме со менаџирање на кризата мерките не биле политички мотивирани и секогаш сме се воделе од заштита на јавното здравје, како наш врвен приоритет, изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој откако денеска го посети А1 Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје, од страна на новинарите беше прашан дали последните донесени одлуки се политички, со оглед на тоа што и пописот е одложен.
-Точно е дека вирусот е широко распространет, а дека мерките кои важеа досега се ефективни. Што сакаме да спречиме. Во ваква ситуација кога имаме преоптоварени болници, со дополнително комплицирање на ситуацијата, што очекуваме да се случи за време на празниците доколку не се почитуваат мерките, како што тоа беше лани, ние нема да можеме да издржиме, ниту пак ќе може добро да се изменаџира. И тоа е причина зошто сега во овој период во пресрет на празниците една недела пред почеток на постите, Велигден се паѓа околу 1 мај, сметаме дека треба таква дополнителна рестрикција за доополнително да се намали притисок кон болниците и дополнително да спласне бројот на нови случаи, изјави министерот Филипче.