Од денешните изјави издвојуваме: Шахпаска за економската стабилност, Царовска за учебната година, Заев за Економско-инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан.
Шахпаска: Владата ја задржа економската стабилност и спречи губење на работните места
„За таа цел креиравме шест пакети на економски мерки во консултација со социјалните партнери. Мерките беа така подготвени да одговорат на суштинските потреби на компаниите, притоа водејќи сметка за почитување на работничките права и грижа за здравјето на работниците. Економско социјалниот совет како трипартитно тело составено од претставници на работниците, работодавачите и Владата беше клучното тело низ кое поминаа, се доуредија, шесте пакети мерки вредни една милијарда двесте и шеесет милиони евра кои ги насочивме на еден транспарентен и инклузивен начин согласно потребите на работниците и работодавачите“, рече министерката, Јагода Шахпаска, во своето обраќање.
Царовска: Oваа учебна година беше предизвик на кој заедно успешно одговоривме
„Учебната 2020/2021 претставуваше предизвик на кој заеднички успеавме да одговориме. Учениците добија квалитетна настава и непрекинат воспитно-образовен процес, а нивното здравје, безбедност и благосостојба беа заштитени, што за сите нас претставуваше најголема грижа. Сето ова немаше да биде возможно без несебична поддршка и помош од наставниците и родителите. Цврсто верувам дека со здружени сили сè може да се постигне полесно. Благодарение на вашиот заеднички придонес во овој процес, ова уште еднаш се докажа. И во овие услови, создадовме сплотена, грижлива и поддржувачка заедница со една цел – учениците да добијат квалитетно образование, а нивното здравје и безбедност да останат заштитени,“ рече Царовска.
„Тесното усогласување на регулативите на Западен Балкан со основните принципи кои го регулираат внатрешниот пазар на ЕУ, заснован на пристапот на четирите слободи преку договорите за меѓусебно признавање, ќе ги развие можностите за вработување бидејќи либерализацијата на трговијата, протокот на капитал и мобилноста ќе доведат до проширување на пазарот. Економскиот и инвестицискиот план ќе ја зголеми привлечноста на регионот за странските инвеститори и ќе овозможи поголем прилив на инвестиции“, подвлече премиерот Заев.
Ирена Крџиќ