Во денешните изјави на денот издвојуваме: Спасовски со појаснување разликата помеѓу криминалистичка и финансиска истрага, Николовски вели дека нема правда без конфискација, Јовески за меѓуресорски истраги.
„Додека криминалистичката истрага има за цел прибавување докази за утврдување на вината на лицата инволвирани во недозволените активности, финансиската истрага е насочена кон пронаоѓање и обезбедување на докази за видот и висината на имотот, имотната корист и приносите прибавени со кривичните дела. Најголем дел од отворените финансиски истраги се поврзани со недозволена трговија со дрога, криумчарење на мигранти, но и кривични дела поврзани со тероризам и злоупотреба на службена положба и овластување.“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на промоција на „Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023“.
„Ова е чекор напред во мобилизацијата на општествените ресурси, надградба на државниот систем и градење на посилни капацитети, кои се дел од виталните реформи за подигнување на јавната свест. Ова е чекор за враќање на довербата во функционалноста на институциите за борба против високата корупција и организираниот криминал. Со активностите од новата Национална Стратегија, се елиминираат ризиците од прикривање, распродажба или изнесување на противправно стекнатиот имот надвор од државата“, изјави вицепремиерот Љупчо Николовски на промоцијата на Стратегијата.
„Ефикасните меѓуресорски истраги во однос на нелегалните имотни приноси во земјата и странство паралелно со кривичната истрага ќе резултираат со навремено определување привремени мерки со детално определен опис и проценка на вредноста на имотот и имотната корист со цел подоцнежна конфискација со судска одлука. Со тоа во потполност би се остварила целта на кривичниот прогон. Со докажување дека кривичната постапка не е само казнување на сторителот, туку докажување дека никој не може да ја задржи директната и индиректна имотна корист прибавена на незаконит начин, истакна Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески на промоција на „Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот 2021-2023“, што се одржа во Клубот на пратеници во Скопје.