Министерката за образование, Мила Царовска на Меѓународниот ден на Ромите порача да градиме заеднички нови генерации со интеркултурни вредности и недискриминација, министерот за здравство, д-р Венко Филипче соопшти дека вакцината Астра Зенека нема да се дава на лица помлади од 60 години, премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, порача дека Пропорционалната застапеност треба да продолжи да се рефлектира и во останатите ешалони на централната и локалната власт.
Царовска: Заеднички да градиме нови генерации со интеркултурни вредности и недискриминација
– За поддршка на основно образование на децата Роми согласно Законот за основното образование обезбедени се медијатори и средства во Буџетот на МОН за 2021 година од шест милиони денари за ангажирање на 35 образовни медијатори кои делуваат во 26 општини во државата. Тие им помагаат на децата во образовниот процес, но исто така работат и на подобрување на пристапот до училишта и намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес, преку средби со родителите, стручните соработници и наставниците, изјави министерката Царовска.
Филипче: Вакцината на „Астра Зенека“ нема да се дава на лица помлади од 60 години
– После евалуацијата на сите тие несакани ефекти во форма на тромботични состојби посебно кај млади луѓе Одборот излезе со две препораки – првата е дека тие несакани тромботични ефекти треба да влезат во упатството на самата вакцина и второ дека секоја држава треба да заземе став во однос на тоа како ќе се користи вакцината. Согласно тоа по утринските консултации донесовме став во нашата земја вакцината на „Астра Зенека“ да не се дава на помлади лица од 60 години, изјави министерот Филипче.
-Пропорционалната застапеност треба да продолжи да се рефлектира и во останатите ешалони на централната и локалната власт. Продолжува процесот на подготовка на новата десетгодишна Стратегија за Роми согласно Европските рамки, која треба да ја отслика реалната слика на Ромите во нашата држава, но и да обезбеди конкретни мерки за да имаме позабрзана интеграција на Ромите. Во 2021 година за имплементација на Стратегијата за Роми и Стратешките планови од приоритетните ресори за директни, таргетирани и генерални политики се планирани околу еден милион евра, изјави премиерот Заев .
Борисов: Се повлеков од пратеничкото место во Парламентот
-Денес, се пријавив во ЦИК и се повлеков од пратеничкото место во двете изборна единици од кои бев избран, и покрај тоа што победив на лидерските натпревари. Како премиер, немав имунитет и сега не ми треба. ГЕРБ победи на изборите во 24 од вкупно 31 регион , а нашите противници во 3, 2 и 1. Изборите се одржуваат со цел да се формира влада и да се има стабилна влада, за да може да се спроведе она што го велат политичарите. Да се почитуваме – зад секој политичар стојат гласовите на многу луѓе. Мојот повик е да не ги навредуваме гласачите – сите сме бугарски граѓани, соопшти бугарскиот премиер во заминување Бојко Борисов на својот Фејсбук профил.