Израел соопшти дека во саботата убил висок командант на Хамас во напад врз возило во Газа, пренесува Би-би-си.
Во заедничка изјава, израелската воена и безбедносна агенција Шин Бет објави дека го „елиминирала“ Раед Саад, раководител на производство на оружје за военото крило на Хамас, Бригадите Касам, во градот Газа.
Саад се сметал за еден од најистакнатите команданти на Касам и предводел неколку бригади за време на нападите на Хамас на 7 октомври врз израелските заедници источно од градот Газа.
Портпаролот на Цивилната одбрана, предводена од Хамас, Махмуд Басал, изјави за Би-Би-Си дека во нападот загинале четири лица. Тој рече дека од експлозијата биле повредени и повеќе минувачи.
Локален функционер на Хамас во Газа изјави за Би-Би-Си дека во нападот загинале и помошникот на Саад и уште еден понизок функционер идентификуван како Абу Имад ал-Лабан.
Би-Би-Си е спречена од Израел да известува независно од Газа и не е во можност да ги потврди деталите за инцидентот.
Во заедничката изјава на ИДФ и ИСА се додава дека Саад е „одговорен за смртта на многу војници“ убиени во Појасот Газа како резултат на експлозивни направи.
Се верува дека Саад е член на новоформираниот петчлен воен совет за лидерство, воспоставен откако во октомври стапи на сила прекинот на огнот. Израел се обиде да го убие во повеќе наврати.
М. Д.












































