Најмалку 22 лица, вклучувајќи седум деца, беа убиени во вторник во израелски напад врз училишен комплекс во кој се сместени илјадници раселени лица во кампот Ал Буреиџ во централна Газа, соопштија болнички претставници, пренесува Си-ен-ен. Десетици други беа повредени во нападот, се додава.
На местото на нападот, видео од местото на настанот покажа голем кратер каде што луѓето пребаруваа низ урнатините на училиштето за преживеани, остатоци од шатори и лични предмети расфрлани по земјата.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во вторник погодиле „терористи кои дејствувале во рамките на командниот и контролниот центар на Хамас“, но не дадоа никакви дополнителни информации за нападот.
Во училишниот комплекс, една жена врескаше кон Хамас, како израз на гнев кон владејачките милитанти во Газа, што некогаш беше практично незамисливо.
„Хамас треба да излезе од училиштето, се кријат меѓу луѓето“, извика таа. „Извадете ги, што е вината на децата што се растргнати?“
Снимките од местото на настанот, добиени од CNN, покажуваат мртви и повредени во близина на училишниот комплекс, со амбулантни возила подготвени да ги префрлат ранетите во болниците. Друго дете, крваво и преврзано, се гледа како го изнесуваат од амбулантно возило на носилка.
Нападот во вторник врз бегалскиот камп доаѓа помалку од 24 часа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека населението на Газа ќе биде раселено на југ откако неговиот кабинет за безбедност одобри проширена воена операција во енклавата.
Д. Мишев