ВЕСТ НА ДЕНОТ
Велјановски 6 и пол, Јанакиевски и Ристоски по 6 години и 3 месеци за „27 април“
Кривичниот суд Скопје, ги прогласи за виновни обвинетите во случајот „Организатори на 27 април” и ги осуди на вкупно години 25 години затвор.
Поранешниот претседател на Собранието Трајко Велјановски, е осуден на шест години и шест месеци, а поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, исто така обвинет во овој случај, е осуден на шест години и три месеци. На шест години и три месеци затвор, е исто така осуден и поранешниот министер за наука и образование, Спиро Ристоски. За виновен е прогласен и Владимир Атанасов, поранешен директор на УБК, и е осуден на шест години затвор.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„И, ќе го промениме. Посебно, дури Стејт Департментот ја поздравува дигитализацијата, каде што буквално субјективниот фактор на одлучување на административно ниво, ќе се замени со компјутер, што дефинитивно ќе може да се бајпасира тој субјективен фактор на административниот работник, којшто е точка на корупција меѓу граѓаните и јавната администрација. Верувам дека ќе имаме сериозни успеси во периодот којшто предстои пред нас за да можеме да учиме од ваквите извештаи и да се подобруваме како земја“, изјави премиерот Заев.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ОБРАЗОВАНИЕ На 36 основни и 13 средни училишта под надлежност на општините и на Град Скопје им се одобрени барањата по јавниот повик за финансирање проекти за реновирање училишни објекти од буџетот од Министерството за образование и наука, кое на својата веб-страница ги објави ранг-листите на проектите од прифатените апликации доставени до 15 април 2021.
ДИСКРИМИНАЦИЈА Контролори на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје извршиле директна дискриминација врз ромскиот студент Сирхан Усеин и неговата мајка, поради нивната етничка припадност и боја на кожа. И покрај тоа што имале годишен билет, биле малтретирани, навредувани и избркани од автобусот, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по поднесената претставка од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
ПРАВА Премиерот Зоран Заев, денеска во одговор на новинарско прашање дали Бугарите ќе бидат вметнати во Преамбулата на нашиот Устав, рече дека пред самото пристапување во ЕУ се отвора Уставот, со цел да се смени заедничкиот дел со земјите-членки на ЕУ, и тогаш би се вградиле и помалкубројните етнички заедници што се присутни и живеат во земјава, а не се вградени во него.
ОДБРАНА Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и британската амбасадорка, Рејчел Галовеј денеска потпишаа меморандум за разбирање во областа на одбраната, кој овозможува креирање ќелија за координација на обуката од Обединетото Кралство, стационирана на армискиот полигон „Криволак“.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ Скопје и годинава со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 58 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој го загубија животот 1.070 луѓе, а 3.000 беа повредени. Традиционално по повод годишнината, Град Скопје и јавните културни установи ќе организираат многубројни настани.
ИНИЦИЈАТИВА: НАПРАВИ РАЗЛИКА, ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ
Џамбо Агушев, најдобриот трубач, не само кај нас туку и пошироко, со своето учество во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ преку видео порака им порачува на граѓанките и граѓаните дека различностите се вистинско богатство на нашето мултикултурно општество.
Активистот Бленди Ходаи со видео порака во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика, почитувај ги различностите“: „На различностите да гледаме како на додадена вредност“.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
„Напади врз демократијата и човековите права: Граѓанските организации во поддршка на општествата од Западен Балкан кои се соочуваат со дезинформации, говор на омраза и хибридни напади“ е регионална конференција што ќе се одржи в среда, 28 јули, од 11 до 13:30 часот, организирана од ЦИВИЛ, во соработка со Балканскиот форум, членки на Платформата за граѓанско општество за демократија и човекови права (ПГО).
АНАЛИЗИ
На 28-29 јули во Скопје е најавена средба меѓу премиерите на Северна Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ, за да се потврди напредокот и да се потпишат договори за т.н. Мини Шенген кои произлегуваат од обврските дефинирани на Берлинскиот Самит. Дали мотивација за овој проект е само економска или се отвораат и некои други дилеми кои се поврзани со политиката.
Можат ли да се повлечат паралели меѓу оваа иницијатива и договорот на тројцата регионални лидери, претседателот на Србија и премиерите на Северна Македонија и Албанија Александар Вучиќ, Зоран Заев и Еди Рама, за таканаречениот Мини Шенген на Западен Балкан, кој на граѓаните на овој регион треба да им ги обезбеди четирите слободи својствени за ЕУ – движење на луѓе, стоки, услуги и капитал?, пишува Александар Николиќ Писарев во анализата „Мини Шенген: На прав колосек или во слепа улица?“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Има добри европски и светски примери, како што е Германија, чија државна политика е насочена кон соочување со минатото, со повеќедецениски програми кои даваат одлични резултати. На Балканот, наспроти сите слабости и опструкции, најпозитивен пример е македонската држава која е лидер во регионот кога се работи за мултикултурализмот и процесите на помирување, интеграција и соочување со минатото.
Сепак, освен од државата и од меѓународните спогодби, овие значајни и тешки процеси зависат и од луѓето. Можеби најмногу“, пишува Џабир Дерала во рафалот „Далеку е сонцето, но не и недостижно“.
„Кога поминавме покрај волчјиот бунар на кој пишува на турски „курт бунар“ како да почнаа да ми се мешаат сликите на некогашните домаќини излезени низ лозјата и нивите. Доаѓаат по вода, облечени по свое. Некој со фес или чалма друг со каскета капа и клашнено палто. Фаќаат рака шака, си ги подаваат калемите и ги мијат кривите калемарски ножеви. Бресјата го засенуваат сонцето и прават пријатна ладовина а во долот волкот чека да се разотидат луѓето па и тој да може да се напие од водата на петровденската горештина.
На изворот што природата го дала на природна средба се сретнуваат луѓето, животните и растенијата. Постојат само во меѓусебна рамнотежа.
Штом таа се растури, страдаат сите“, пишува Војо Маневски во колумната „Курт бунар“.
Д. Муратов












