Извештајот на Стејт Департментот, извештаите на ЕУ и другите стратешки партнери се важни, валидни, и треба да посветиме секој пат внимание, истакна премиерот Заев при денешната посета во Шуто Оризари одговарајќи на новинарски прашања. „Во самите анализи, кога ќе го видите самиот извештај, прво зборува за огромни придобивки и промени позитивни, кои се имаат случено во Р.Северна Македонија, но јасно ги лоцираат и своите слабости“, посочи премиерот.
Според првиот човек на Владата на Северна Македонија, на Владата и е јасно, по сите анализи заедно со Транспаренси Интернешнл, со Стејт Департментот, со европската делегација во земјата но и со други граѓански организации, нивото на корупција кое што се случува на трето ниво, таму каде што граѓаните шалтерски допираат, во врска со добивање имотен лист, одобрение за градба, решение, согласност или слично. Тој најави промени во овој сегмент.
„И, ќе го промениме. Посебно, дури Стејт Департментот ја поздравува дигитализацијата, каде што буквално субјективниот фактор на одлучување на административно ниво, ќе се замени со компјутер, што дефинитивно ќе може да се бајпасира тој субјективен фактор на административниот работник, којшто е точка на корупција меѓу граѓаните и јавната администрација. Верувам дека ќе имаме сериозни успеси во периодот којшто предстои пред нас за да можеме да учиме од ваквите извештаи и да се подобруваме како земја“, изјави премиерот Заев пред новинарите.
Премиерот потенцираше дека никаде во највискиот ешалон па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција. „Таа не е пронајдена кај министрите, кај директорите, пронајдена по анализата во делот на административното функционирање на јавните институции и, затоа, ние поставивме потпретседател на Влада, меѓу другото задолжен за борба против криминалот и корупцијата, за да можеме 9, 10 месеци се работи на таа тема со ваков фокус“, потенцираше премиерот Заев.
ДЦ