Љубомир Костовски
Иако покрена интензивна кампања за да ја добие власта во Брвеница, во што посебна задача добија медиумите со кои тој буквално располага во изобилство, Мицкоски, сепак, не успеа со операцијата наречена Денот „Д“ за самодовербата на партијата. Пред една недела предвидов дека Мицкоски ќе ги изгуби овие избори, бидејќи не располага со коалиционен капацитет – ДУИ и ВЛЕН ќе си го најдат заедничкиот интерес капарисан во вакви и слични ситуации, Левица е во аут со реалните дострели кај гласачите, а за СДСМ во Палатата Татарчев остана место само во излогот на исмејувањето…
Па ако во ВМРО продолжат со реториката дека во СДСМ се наоѓаат луѓе од дното и споменуваат подруми, па животни карактеристични за таквите простории и не и го изговараат вистинското име на партијата од која бараат (место да молат) помош – вие просто правите некаква конструкција која никако не може да профункционира. Апарат што треба да се движи со струја ама нема кабел со реалноста.
И поразот си дојде – беше јасно дека излезноста на гласачите не е битно зголемена, освен што ниту еден поединец од бројните ТВ екипи тоа не смееше да го изговори и се известуваше само за „зголемен интерес“, иако тоа низ ниту еден кадар во ТВ програмата не можеше да се потврди. Ги прашуваат репортерите луѓето кои се враќаат од местата за гласање, што постојано ги нема доволно за да постои слика за пристојна анкета – „што очекувате од овие избори“, а тие ви велат „па пристојни плати!“.
Си кажаа луѓето, ама ги слушна ли некој?
Кампањата на илузионистите во црно-црвени дресови собрани во Брвеница важеше и за студијата каде водителите говореа за специјални емисии по завршување на гласањето, како да се работи за парламентарни избори.
Всушност, ниту некогаш имало помало село, а ниту поголема инвазија на партиски оптимизам.
Па и првиот човек на партијата и Владата беше присутен таму и со ниту еден половичен знак не покажа дека може да излезе од сопствениот интерес. Затоа, пак, со катадневно валкање на својот политички опонент едноставно и не си остави простор каде би се нашол со партијата на Филипче.
Да не говориме за истовремениот обид да си најми дежурни партнери во редовите на т.н. Платформа и во терањето на своите ботови да свират на жиците на потребата од националното единство. Онака, малку под жито.
Оние што во медиумите си ги купуваат вистинските лозови, ботовите де, нѐ преплавија со потребата „сега да се биде Македонец“. Еднаш ќе ги исмејуваш 706-те гласови на социјалдемократите, а на крајот ќе изгубиш за 200 гласови, обидувајќи се цел ден да го продолжиш времето на гласање за партиските загари да пробаат со уште некоја обиколка на гласачите од врата до врата. Па во партијата, актуелен губитник, треба да сфатат – нема ентузијазам во рајата во онаа мерка со која си ги китат анкетите!
И Мицкоски на денот „Д“ замина во Северна Рајна-Вестфалија со најверната дружина, да не мора да одговара на директни прашања за изборниот пораз. Му се собра на премиерот. Најпрвин пред половина година го изгуби верниот другар Орбан. Потоа пред една недела и поблискиот ортак Вучиќ, па видел во именикот на мобилниот дека просто нема кому да му телефонира во светот за некаков пријателски муабет, совет, поткрепа или – утеха. Еве, му остана, како и секогаш кога купува билет за авион, само да ја тормози онаа наша кутра социјална емиграција на чие рамо мисли дека може да се потпре.
Но тоа е сега и помал проблем – ќе се обвини СДСМ за поразот како и за сѐ друго што оди лошо во државата, ама главоболките се множат. На пример, не можеш студентите во земјава да ги натераш да ги примат понудените 175 денари по оброк на ден, а некако сон не те фаќа кога ќе се сетиш за тоа – навистина за настани на други места – како младите луѓе со индекс во рацете се навистина борбени, па и издржливи, па заради нив и влади паѓаат.
Па згора дојде и тој проблем со несолвентната Алта банка Битола. Навистина, таквите ситуации се решаваат според основните учебници за банкарство ама Мицкоски си сакаше да направи една „скаламуција“ која без двоумење ќе ја поддржи неговиот економски професор за општа употреба а сега гувернер на НБМ, Славевски. И беше потврдена таа шема ама сега истата идеја за „буразерско“ копирање на банка од Србија која прима пари на шалтерот, ама нема да ги даде кога клиентите во малку поголем број ќе си го побараат влогот, што замирисува многу лошо.
А во модерната историја ги има тие ситуации како примери. И по правило, тие навалици кон вратите на една банка не завршувале добро, бидејќи имале домино ефект врз сите сфери на животот. За власта да не говориме. Можеби таа смета дека е на крајот на ланецот на допрените од кризата што ја прави оваа банка, ама енергијата на незадоволството се кумулира.
Уф, тоа се многу неповолни работи на куп. За толкав број на несоници во аптека нема соодветен опијат.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА
НАПОМЕНА НА РЕДАКЦИЈАТА: Овој текст е авторски став. Изнесените мислења, оценки и заклучоци се лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на редакцијата на ЦИВИЛ МЕДИА или официјалните позиции на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Авторските ставови се објавуваат во согласност со принципите на слободата на изразување и редакциските стандарди за професионално и одговорно новинарство.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












