Автентичните граѓански протести во Европа сè почесто стануваат простор за геополитичка манипулација. Во новата анализа на CIVIL Today се укажува на опасното совпаѓање меѓу протестните пораки, радикалните политички мрежи и стратешките интереси на Москва.
Протестите во Албанија и Италија во октомври 2026 година произлегоа од реални општествени проблеми – корупција, економска несигурност, образование и владини политики. Но, како што покажува анализата на ЦИВИЛ, легитимното незадоволство може да биде искористено за ширење наративи што ги поткопуваат европската безбедност и солидарноста со Украина.
Во Албанија, премиерот Еди Рама обвини неименувани странски актери за поттикнување на немирите, без да презентира докази. Европската опсерваторија за дигитални медиуми (EDMO) документираше дезинформации поврзани со протестите, но не потврди странска координација.
Особено внимание заслужуваат протестите во Италија и слоганот „Повеќе училници, помалку бомби“, чиј пропаганден потенцијал ЦИВИЛ го проблематизираше уште во анализата објавена на 20 октомври.
Барањето за подобро образование е легитимно. Но, претставувањето на образованието и одбраната како меѓусебно исклучиви приоритети, со премолчување на руската агресија врз Украина, создава наратив што целосно се вклопува во пропагандната стратегија на Кремљ.
Дополнително, меѓу организаторите на протестите се радикални студентски организации со претходно документирани анти-НАТО позиции, како OSA и Cambiare Rotta. Истражување на Институтот за стратешки дијалог открива и воспоставени проруски пропагандни мрежи во Италија. Тоа не докажува дека Москва ги организирала протестите, но открива политичко и наративно совпаѓање што заслужува внимание.
Кремљ не мора да контролира протест за да има корист од неговата политичка насока. Доволно е да вбризга доволно елементи што ќе го насочат демократското право на протест во своја корист.
Анализата на ЦИВИЛ предупредува дека Западен Балкан е особено ранлив на вакви операции, вклучително и преку домашни политички и медиумски структури.
Останува најголемиот предизвик – да се најде балансот меѓу демократското изразување на граѓански протест и заштита од хибридните операции на Кремљ. Европските демократии мора истовремено да се спротивстават на странските манипулации и да го заштитат правото на протест.
Б. Ј.
Прочитајте ја целата анализа на англиски јазик, објавена во CIVIL Today на 2 ноември 2026 година.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












