Гордана Јанкуловска, поранешната министерка за внатрешни работи, денеска во сведочењето за случајот со организацијата на протестите на 27 април 2017 година, изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не го организирала упадот во Собранието.
Според нејзиното сведочење, на 27 април била во својата канцеларија во партиското седиште, и изјави дека не се случувало ништо невообичаено, а околу 17 часот си заминала дома и на телевизија видела што се случува во Собранието.
„Јас во 17 часот си заминав од партијата и отидов дома, подготвив ручек и на телевизија видов што се случува, тогаш една ТВ емитуваше во живо од внатрешноста на Собранието”, тврдеше Јанкуловска.
За денешното рочиште беа повикани 17 сведоци, а Јанкуловска беше спроведена од КПУ Идризово, каде издржува казна затвор за набавката на луксузниот Мерцедес.
Јанкуловска на рочиштето тврдеше дека не и е позната одлука на органи на партијата поврзани со протестите.
“Не ми се познати такви одлуки кога јас сум присуствувала на седниците, а од записниците не сум забележала таква одлука”, изјави Јанкуловска.
Гордана Јанкуловска издржува четиригодишата затворска казна, по судска пресуда за случајот „Тенк“ на СЈО, во врска со набавката на луксузниот мерцедес за 600 илјади евра.