Categories

КОЛУМНА Јасмин, зошто не си националист?

“Јасмин, како тоа да не си националист?” – ме праша еден пријател додека пиевме кафе и расправавме за различни теми. Друже, па тоа би било апсурд. Дури тогаш би се поставило прашањето “Како може Јасмин да биде националист?” Активист за човекови права кој се борел за правата на стотици илјади бегалци од десетици нации не може да си дозволи ограничување на една нација или етникум. Моите родители припаѓаат на различни етникуми. Зарем можам да застанам на страната на едниот етникум и да кажам дека останатите се помалку вредни? Зарем едниот родител ми е помалку вреден од другиот? Национализмот е политичка мутација на патриотизмот, злоупотребуван за раздвојување на луѓето, за говор на омраза, за дела од омраза. Национализмот пролеа многу крв на просторите на поранешна Југославија.

Пишува: Јасмин Реџепи

Јас сум роден во трета земја, иако тогаш било една земја, сега таа е единствената земја за мене. Наместо да живеам во славата на моите предци или да ги вреднувам едните над другите, мојот избор е да живеам за иднината на моите ќерки, потпирајќи се на својот труд. Да помогнам во развивањето и обликувањето на оваа земја како иден дом за моите деца и внуци, каков што секој родител посакува за своите деца – безбеден, стабилен и прогресивен.

Јас не сакам тие да го преживуваат ембаргото од деведесеттите, ниту конфликтот од 2001та, ниту немирите на Бит Пазар, ниту дискриминацијата во образованието од страна на соучениците и професорите, ниту стравот од немање работа по завршеното образование.

Затоа е тука 30ти септември, ден на кој ќе излезам на референдумот за да одлучам дека сакам оваа земја да тргне кон таа насока, безбедносно стабилна и економски просперитетна, каде што секој граѓанин ќе се вреднува според неговите индивидуални вредности, а не според етничката, верската или политичката припадност. Во насока кон која стремат слободоумните граѓани кои не сакаат да бидат манипулирани и раздвојувани, туку кои им го посакуваат на своите сограѓани истото што и на себе си.

“Борбата за подобрувањето на државата за сите, а не само за “своите”, во други земји се нарекува високо ниво на патриотизам. Но тука, кај нас, ретка е таа свест.” – заклучи пријателот, по што ја затворивме таа тема.

Print Friendly, PDF & Email