Русија и Турција сметаат дека одлуката на САД да го признаат Ерусалим за главен град на Израел го дестабилизира Блискиот Исток, изјави рускиот претседател Владимир Путин по средбата во Анкара со шефот на турската држава Реџеп Тајип Ердоган на 11 декември.
На заедничката прес-конференција по средбата на двајцата претседатели, што траеше еден час, Путин предупреди дека одлуката на американската администрација нема да помогне за решавање на ситуацијата на Блискиот Исток, туку токму спротивното – ќе ја дестабилизира и без тоа сложената состојба во регионот.
Според Путин, статусот на Ерусалим треба да биде договорен во директни преговори меѓу Израел и Палестинците.
Ердоган, од своја страна, изјави дека на средбата со Путин станало збор и за начините за решавање на конфликтот во Сирија и дека се договориле одново да се сретнат во Сочи што е можно поскоро за да разговараат на оваа тема.
Во врска со Сирија, Путин истакна дека двете земји тесно соработуваат околу ситуацијата во оваа блискоисточна земја.
Путин се заложи за интензивирање на билатералната економска соработка и ја изрази својата решеност за зголемување обемот на трговската размена меѓу Русија и Турција.
Турскиот претседател, пак, најави дека договорот за купувањето на системот за проввоиздушна одбрана С-400 за потребите на турската армија од Русија ќе биде финализиран во текот на оваа недела.
Како што јави МИА, ова е трета средба меѓу Путин и Ердоган за неполни три месеци. Путин ја посети Анкара на 28 септември, по што двајцата лидери потоа се сретнаа на 22 ноември во рускиот град Сочи.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.